Трендовите во јавното мислење во Северна Македонија се значајни и, секако, не можат да се игнорираат или потценат. Признаваме дека предизвиците во пристапувањето на Северна Македонија кон ЕУ имаат силно влијание врз перцепциите на домашната јавност за ЕУ, вели специјалниот пратеник на британскиот премиер за Западен Балкан, Сер Стјуарт Пич, во интервју за „360 степени“
Прашан дали Обединетото Кралство планира да ја прошири својата црна листа, во контекст на неодамнешната одлука на САД да ги санкционира Никола Груевски и Сашо Мијалков, Пич одговара: Редовно го разгледуваме опсегот на преземени рестриктивни мерки, вклучително и санкции. Засега не би можел да коментирам или шпекулирам за тие тековни дискусии

Пред да биде назначен за Специјален пратеник на премиерот на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Сер Стјуарт Пич, поминал повеќе од 45 години во воените структури во кои кариерата ја завршува минатото лето како претседавач со воениот комитет на НАТО. Важи за човек со исклучителен „воен багаж“ и познавање на Европа, но неговото именување на новата политичка позиција дојде како изненадување во регионот. Сепак, развојот на ситуацијата во Источна Европа по руската агресија врз Украина укажува на тоа дека доаѓањето на Пич на функцијата Специјален пратеник за Западен Балкан е се само не случајно. Во екслузивното интервју за 360° пензионираниот воздушен маршал, актуелен прв човек на Даунинг стрит за Балканот, зборува за неговата проценка за натамошниот развој на состојбата во Украина, што треба да се направи за да се постигне мир, за можните закани за регионот, за потенцијалната опасност од вооружувањето на некои земји на Балканот, за санкциите што Западот ги презеде против неколку државјани од регионот вклучувајќи ги поранешните властодршци во Македонија, Никола Груевски и Сашо Мијалков, за блокираните евроинтеграции на земјата…
360°: Г-дине Пич, речиси 3 месеца трае руската агресија врз Украина, чин кој беше незамислив за Европа во 21 век. Индициите се дека Москва, барем засега, нема намера да прекине со воените дејства кои досега резултираа со илајдници жртви и милиони бегалци. Во која насока, настрана економските санкции и воената помош за Украина, може да се движат идните чекори на западните сојузници како одговор на инвазијата на Кремљ?
Сер Стјуарт Пич: Влегуваме во третиот месец од илегалната војна на Путин против Украина. Војната на Русија е за осуда; неиспровоциран, однапред смислен и варварски напад врз Украина. Обединетото Кралство и нашите меѓународни партнери стојат обединети во осуда на дејствата на руската влада кои се екстремно кршење на меѓународното право и на Повелбата на ОН. Со сè повеќе докази за ужасни и воени злосторства, руската влада е вклучена во информативна војна настојувајќи да ја скрие реалноста на нејзините одвратни дела. Обединетото Кралство продолжува да работи со сојузниците за да ja запре оваа ужасна војна. Нема да мируваме се додека Путин не успее и Украина не победи. Британската влада ја демонстрира својата посветеност на Украина и на нејзиниот народ преку одбранбена воена помош, хуманитарна помош, економска поддршка и во мобилизирањето на меѓународната заедница.
360°: Ако секоја војна завршува со мировен договор, зошто, според вас, преговорите не дадоа резултат досега?
Сер Стјуарт Пич: Како што рече премиерот на Обединетото Кралство – сакаме да видиме мирен исход со преговори доколку тоа е можно, но Владимир Путин е јасно решен да го удвои својот пат на насилство и агресија. Одговорност на Обединетото Кралство и на нашите сојузници е да ја поддржат Украина и да бидат остри кон Путин, се со цел да ја стават Украина во најсилната можна преговарачка позиција за мир.

360°: Одбединетото Кралство е еден од предводниците во барањето одговорност од Москва, како и во инсистирањето на се поостри санкции за Русија. Но, во дел од источните членки на НАТО се слушаат забелешки на адреса на властите во Лондон дека Обединетото Кралство со години на своја територија толерираше руски олигарси поврзани со Путин. Кој е вашиот одговор на овие критики?
Сер Стјуарт Пич: Нашата порака до Путин и до неговите поддржувачи е јасна уште од првиот ден – дека инвазијата на Украина ќе има сериозни и осакатувачки последици. Го воведовме најголемиот и најсилниот пакет санкции во нашата историја насочен кон оние што ја помагаат руската инвазија на Украина. Путин самиот ги призна ’проблемите и тешкотиите’ предизвикани од санкциите. Актуелните проценки се дека две третини од средствата со кои располага руската влада се замрзнати што го задушува пристапот до средства за воена агресија. Но, можеме и мораме да направиме повеќе за да се осигураме Путин да не успее.
360°: Дали и колку Западниот Балкан е загрозен во актуелниот контекст?
Сер Стјуарт Пич: Нападот на Русија врз Украина го зголеми ризикот од погрешна проценка или искористување на Западен Балкан. Долго време набљудуваме загрижувачки модел на руско однесување кој му се заканува на меѓународниот систем заснован на правила и има за цел да ја попречи евроатлантската интеграција на земјите од Западен Балкан и на други места. Пристапот на Обединетото Кралство кон Русија е јасно наведен во Интегрираниот преглед – Обединетото Кралство крајно сериозно ја разбира заканата од руската држава и ние ќе продолжиме да алармираме и укажуваме на руска агресија. Работејќи со нашите партнери, ќе продолжиме да ги изнесуваме нашите целосни способности против противниците кои се обидуваат да ја поткопаат нашата колективна безбедност. Директно и ги кажавме нашите поенти на Русија за политичката нестабилност на Босна и Херцеговина, потребата од задржување на Високиот претставник и на ЕУФОР, како и на опасниот курс на руските дејства кои би можеле да ги наведат земјата и регионот. Ја поздравувам јасната порака со обединета поддршка што ја прати регионот за резолуцијата на Генералното собрание на ОН и поддршката на територијалниот интегритет на Украина.

360°: Ве загрижува ли континуираното вооружување на Србија со опрема од Кина и Русија и седењето на Александар Вучиќ на две столчиња во геополитичка смисла?
Сер Стјуарт Пич: Се разбира, Србија како суверена држава, треба да ја одреди својата надворешна, одбранбена и трговска политика во согласност со најдобрите интереси на нејзините граѓани и соодветно да ги калибрира своите одбранбени способности и набавки. Србија има важна улога во промовирањето и поткрепувањето на стабилноста во овој регион и пошироко. Го поздравувам фактот дека како и многу од нејзините соседи и Србија има јасна цел да се приклучи на ЕУ и да го следи реформскиот пат што е потребен за тоа да го исполни заедно со работата во соработка со НАТО во Партнерството за мир. Ја охрабрувам Србија конструктивно да се вклучи во дијалогот со Косово што го олеснува ЕУ за да постигне сеопфатна и одржлива нормализација од која ќе имаат корист граѓаните на двете земји. По нелегалната инвазија на Русија на нејзиниот сосед, глобалниот одговор беше јасен. Србија им се придружи на 140 земји членки на ОН во резолуцијата на Генералното собрание на ОН со која се потврдува украинскиот суверенитет, независност и територијален интегритет и се повикува на итно повлекување на руските сили од Украина. Го поздравувам ставот што Србија го зазеде тогаш и ја охрабрувам да продолжи да испраќа јасна, силна порака, усогласена со нејзините соседи низ Европа дека сегашните дејства на Русија се целосно неприфатливи.
360°: Повеќегодишниот застој во интеграцискиот процес на Северна Македонија во ЕУ, пред се, поради билатерални прашања со соседите, раѓа се позасилен антизападен, па и просруски сентимент кај етничките Македонци. Што мислите, дали последиците од овие трендови во јавното мислење се потценуваат од Западот?
Сер Стјуарт Пич: Како Специјален пратеник за Западен Балкан важен дел од мојата работа е да слушам. Трендовите во јавното мислење во Северна Македонија се значајни и, секако, не можат да се игнорираат или потценат. Обединетото Кралство продолжува силно да ги поддржува евроатлантските амбиции на Северна Македонија. Признаваме дека предизвиците во пристапувањето на Северна Македонија кон ЕУ имаат силно влијание врз перцепциите на домашната јавност за ЕУ. Затоа, како партнер на Северна Македонија, Обединетото Кралство ќе продолжи да ги поддржува граѓаните, вклучително и преку реформи во областа на правото, доброто владеење и справувањето со корупцијата кои се неопходни без оглед на ЕУ аспирациите на земјата. Првпат ја посетив Северна Македонија во 2000 година, одиграв важна улога во процесот на пристапување во НАТО и имам високо почитување за граѓаните. Решен сум да го поддржам нивното право да изберат евроатлантска иднина наместо лажна и шуплива алтернатива. Ги поддржувам преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија кои се од суштинско значење за да се одржи моментумот, да се изгради добра волја и да и се овозможи на Северна Македонија да продолжи на нејзиниот пат на пристапување во ЕУ без одлагање. Ова е точка што ја повторив на сите мои состаноци низ регионот, вклучувајќи ја на мојата неодамнешна посета на Софија.
360°: САД неодамна ги сместија екс-премиерот Никола Груевски и екс-шефот на УБК Сашо Мијалков на својата црна листа. Со оглед на тоа што владата на вашата земја реши да ги санкционира Милорад Додик и Жељка Цвијановиќ, дали евентуално планирате да ја ширите британската црна листа и кон други држави?
Сер Стјуарт Пич: Обединетото Кралство работи со своите меѓународни партнери за да се осигура дека негативните активности на политичарите и другите лидери имаат последици. Редовно го разгледуваме опсегот на преземени рестриктивни мерки, вклучително и санкции. Засега не би можел да коментирам или шпекулирам за тие тековни дискусии.