„Во целост го поддржувам Меѓународниот кривичен суд и апелирам до Руската Федерација да ја прифати соработката со Судот“, рече генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, кој додаде дека најголемото воено злосторство е самата војна
По обиколката на руинираните украински градови, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ја повика Русија да соработува со Меѓународниот кривичен суд во истрагата за можни воени злосторства извршени за време на инвазијата врз Украина.
„Во целост го поддржувам Меѓународниот кривичен суд и апелирам до Руската Федерација да ја прифати соработката со Судот. Но, кога веќе говориме за воени злосторства, не можеме да заборавиме дека најголемото воено злосторство е самата војна“,
порача генералниот секретар на ОН за време на посетата на масовната гробница во градот Буча, за која посочи дека е важна детална истрага и утврдувањето на одговорност.
Освен Буча, Гутереш ги посети и разурнатите градови Бородјанка и Ирпин, од каде што посочи оти војната е зло и апсурд на 21 век и додаде оти во денешницата не постојат шанси војната да биде прифатлива.
Повлекувањето на руските сили од украинските градови како Бородјанка и Буча откри докази за брутални убиства, тортура, масовни гробници и неселективно таргетирање цивили во воените напади, што поттикна повици од неколку земји, како и од ОН и Меѓународниот кривичен суд за спроведување на истраги за да се утврди дали биле извршени воени злосторства.