Договорената финансиска помош од 1 000 денари, која пред повеќе од еден месец ја договорија Владата и Партијата на пензионерите, ќе се исплаќа во април, мај и јуни, а ќе ја добијат повеќе од 330 илјади пензионери во земјава
Од денеска почнува етапната исплата на априлските пензии, кои ќе бидат повисоки за дополнителни 1 000 денари директна финансиска помош.
Договорената финансиска помош од 1 000 денари, која пред повеќе од еден месец ја договорија Владата и Партијата на пензионерите, ќе се исплаќа во април, мај и јуни, а ќе ја добијат повеќе од 330 илјади пензионери во земјава.
Пензиите ќе бидат исплатени предвреме и етапно со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од ковид-19, а како што соопшти Министерството за труд и социјална политика подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата.
Исплатата за пензии до 11 000 денари ќе се изврши денеска, утре на пензиите од 11 001-14 000 денари, в четврток на пензиите од 14 001-18 000 денари и в петок ќе се реализира исплата на пензиите над 18 001 денари.
„Апелираме до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати затоа што етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје“,
се наведува во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.
Од МТСП укажаа оти пензиите се сигурни на сметките на корисниците, пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми.
