Евроамбасадорот Самуел Жбогар смета дека земјава ја заврши својата задача и сега се е во рацете на земјите-членки на ЕУ за понатамошниот процес на европската иднина. Во интервју за Телевизија 24, рече дека се воздржува од преголем оптимизам, но „ѕвездите се местат кон позитивен резултат“.
„Сите земји членки на Унијата се задоволни од методологијата за преговори, па затоа не очекува големи проблеми околу нејзиното усвојување до Самитот на ЕУ на 26 март, на кој би требало да се разговара за носење одлука за старт на преговорите за членство со земјава и со Албанија“,
рече Жбогар.
Според него, ЕУ не сака да и се повтори искуството од Самитот во октомври и не ќе може да си дозволи уште една средба на Европскиот совет без одлука за старт на преговорите.
Жбогар зборуваше и за судскиот систем во земјава, за кој рече дека може да функционира правилно, доколку политиката не се меша. Додадек дека и донесениот Закон за јавно обвинителство е добар и не ги минува црвените линии.
Евроамбасадорот се осврна и на реформите во јавната администрација и нагласи дека претстои уште многу работа во тој дел.
„Тука сакаме да ја нагласиме добрата работа што ја изврши Антикорупциската комисија. Таа посочи неколку случаи на непотизам и на вработувања преку врски. Комисијата треба да продолжи со следење на вакви случаи, а Владата треба да ги имплементира нивните препораки“,
вели Жбогар.
Тој смета дека администрацијата е подготвена да ги спроведува неопходните реформи во текот на преговарачкиот процес, но дека и треба мотивација.
„Мислам дека поважно од исполнувањето на обврските од страна на администрацијата, е единството на политичките сили. Мислам дека методологијата за новиот начин на преговарање ќе бара повеќе од државите, но ќе им овозможи и побрзо да напредуваат. Потребно е политичко единство за да дојде до тоа. Единство на сите политички сили за реформите за евроинтеграциите“,
истакна евроамбасадорот.
Околу претстојниот изборен процес, Жбогар вели дека претходните три изборни циклуси беа оценети од страна на меѓународната заедница како демократски и фер, што ги подигна очекувањата многу повисоко, така што ништо помалку од тоа нема да биде доволно добро.
Тој нагласува дека општ впечаток е оти во предизборието партиските лидери зборуваат само за минатото и се обвинуваат меѓусебно, наместо да кажуваат што се нивните идеи и планови за во иднина.
За влијанието на одлуката за старт на преговорите врз изборите, Жбогар вели дека и ако нема и ако има датум, некој секогаш ќе рече дека тоа влијаело на изборите и на резултатот.
„Затоа за ЕУ е важно да донесе одлука не за Владата или за некоја партија, туку за земјата, за граѓаните на земјата кои беа толку трпеливи толку долго“,
рече Жбогар.