Тој во обраќањето говореше за улогата на владејачката партија од создавањето независна македонска држава, преку кандидатски статус за членство во ЕУ до решавање на спорот и полноправното членство во НАТО, борбата со ковид-пандемијата, па се до последната економска и енергетска криза
Ги спомена достигнувањата на Владата која тој ја предводи за 90 дена од формирањето
Најави продолжување на реформите во сите области за подготовка на земјава за полноправно членство во Унијата како и барањето решение со Бугарија, но, како што рече со зачувување на нашето достоинство
Треба да бидеме горди, секој социјалдемократ треба да биде горд на резултатите, на придонесот на СДСМ за државата. СДСМ е синоним за државотворност, одговорност, посветеност и синоним за модерна партија. Речиси и да немаше години на мирно море за СДСМ. Но, сепак, покрај се’ успевавме, исткна премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, во обраќањето на свечената седница по повод 31. роденден на партијата.

„Гордост е на 31. роденден, како претседател, да се зборува за СДСМ. За се она што оваа партија низ годините го направи и го има направено за нашата држава и сите наши граѓани. Бевме разум кога други потпалуваа тензии, водевме напред кога други влечеа назад, обединувавме кога други делеа. Така беше, така е и сега. Како што нашите предци во НОБ биле на вистинската страна, СДСМ била и се уште е на вистинската страна“,
рече Ковачевски.
Тој во обраќањето говореше за улогата на владејачката партија од создавањето независна македонска држава, преку кандидатски статус за членство во ЕУ до решавање на спорот и полноправното членство во НАТО, борбата со ковид-пандемијата, па се до последната економска и енергетска криза.

„И еве не повторно, 31. роденден го одбележуваме во многу сложени општествено економско политички околности предизвикани од глобални процеси. Целиот свет се соочува со најголема економска и енергетска криза по втората светска војна и тоа особено поради агресијата на Русија врз Украина“,
рече Ковачевски и се осврна на достигнувањата на Владата која тој ја предводи и за неколку дена ќе одбележи 100 дена работа.

„За само 90 дена, во време на најголема економска и енергетска криза успеавме: да ја стабилизираме цената на струјата, со помош на субвенционирање на сметките на граѓаните и да имаме најниска цена на енергијата во регионот, ја покачивме минималната плата, двојно повеќе од времето на ВМРО-ДПМНЕ, на 18 000 денари, ги покачивме рекордно пензиите и воведовме дополнителна помош за секој пензионер, донесовме 26 мерки вредни 400 милиони евра за поддршка на стандардот на граѓаните и компаниите, спречивме силен ценовен шок, цените ги одржуваме стабилни, финансиски ги поддржавме најранливите категории на граѓани, 35 илјади наши најранливи категории на сограѓани примаат дополнителна месечна помош, нема застој во снабдувањата со храна, со гориво, гас, греење кога гледаме што се се случува околу нас и разговараме за нови покачувања на платите, во образованието но и во други сектори“,
истакна Ковачевски.
Тој исто така најави продолжување на реформите во сите области за подготовка на земјава за полноправно членство во Унијата како и барањето решение со Бугарија, но, како што рече со зачувување на нашето достоинство.

„Никој нема право да си игра со достоинството на нашиот народ и ние сме тие којшто тоа трба да го заштитиме. Ова го зборувам на роденденот на СДСМ затоа што сите овие државнички, тешки одлуки, се вградени во државноста, тоа е социјалдемократскиот код на нашето општество. Антифашистичката определба на граѓаните е дел од нашиот национален идентитет со кој се гордееме. Но тоа е и дел од статутот на СДСМ. Ние да не заборавиме од каде е тргната нашата партија и дека најголемите борци за оваа држава и за нејзината слобода всушност ја формирале оваа политичка партија во којашто ние денес седиме на раководните позиции“,
рече на крајот Ковачевски, додавајќи дека СДСМ ќе остане да биде чуварот на сегашноста, гарантор на стабилноста, напредокот и иднината и најави победа на партијата на изборите во 2024 година.
