„Фактот дека не постои регистар на историски личности или било кој документ со кој може да се утврди статусот на историската личност, Министерството за правда не е во можност да ви издаде одобрение за употреба на името Иван Михајлов во име на здружението“, пишува во Известувањето што Здружението го користело при регистрирањето во Централен регистар во март 2019 година
Известувањето дека не може да се даде согласност значи дека немате согласност од надлежниот орган, вели тогашната министерка за правда, Рената Дескоска, која повикува на итно носење измени на Законот за здруженија и фондации во кои ќе се пропишат јасни критериуми во врска со имињата
Не стивнуваат реакциите по саботната церемонија во Битола за отворање клуб при Културниот центар „Иван Михајлов“. На чинот присуствуваше висока бугарска делегација, градот беше под силно полициско обезбедување, а повеќе здруженија протестираа.
Вчера премиерот Димитар Ковачевски изјави дека Владата стои зад слободните убедувања на сите граѓани, но очекува ист пристап и реципроцитет за бугарските граѓани со македонско самосознание. Претседателот Стево Пендаровски, пак, беше уште подиректен. Вели, чинот во Битола е обид еден докажан соработник на хитлеровиот нацистички режим да биде претставен како мост на зближување меѓу двете држави. Реагираа и многумина други – од политички партии до здруженија и историчари.
Но, „будењето“ се случува три години по официјалното регистрирање на здружението. Податоците од Централниот регистар покажуваат дека уписот датира од март 2019 година. Целосниот назив под кој е регистриран субјектот е Здружение Културен центар Иван Михајлов Битола.
Како основачи на Здружението се јавуваат пет лица: Марија Ѓоргиевска, Љупчо Ѓоргиевски, Благој Шаторов, Анета Ринџова и Александар Ринџов. Овластено лице односно претседател е Љупчо Ѓоргиевски.
Законска какофонија
Во Статутот на Здружението, до кој дојдовме преку Централниот регистар, меѓу другото, се вели дека граѓаните се здружуваат за промоција на животот, идеологијата, рехабилитирање и осветлување на ликот и делото на Иван Михајлов.
Пред регистрирањето побарале Министерството за правда да им одобри да го користат името „Иван Михајлов“.
„Со оглед дека во називот на здружението – културен центар Иван Михајлов, кое е во постапка на основање и регистрирање пред Централен регистар Република Северна Македонија, содржано е името на историска личност, а земен предвид фактот дека не постои регистар на историски личности или било кој документ со кој може да се утврди статусот на историската личност, Министерството за правда не е во можност да ви издаде одобрение за употреба на името Иван Михајлов во име на здружението“,
одговориле од Министерството за правда на барањето на Здружението на 5 март 2019 г., со потпис на државната советничка Санела Хасиќ.

Според Законот за здруженија и фондации, Министерството за правда издава одобренија само доколку се користи зборот Македонија. Освен оваа, нема друга одредба под кое име смее или не смее едно здружение да се регистрира, туку само дека името треба јасно да се разликува од другите организации запишани во Регистарот.

Сепак, законодавецот предвидел „за прашањата за името кои не се уредени со овој закон се применуваат одредбите од законот со кој се уредува име на фирма на трговско друштво“.
Во тој закон, пак, пишува дека може да се користи име и презиме на историска личност и тоа по две основи: ако за тоа дадат согласност нејзините сродници до трет степен по права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда.

Согласност од Министерството за правда не е добиена, а претседателот на Здружението, Љупчо Ѓоргиевски, со документите за регистрација дал и изјава дека Иван Михајлов нема законски наследници до трет наследен ред во права линија.

Дескоска: Известување дека не може да се даде согласност значи дека немате согласност!
Тогашната министрерка за правда, Рената Дескоска, сега вели дека регистрирање на Здружението е овозможено поради законски дупки. За тоа кој државен орган дозволил да се регистрира здружение под тоа име, Дескоска посочува дека надлежен за регистрирање на здруженијата е Централниот регистар.
„Известувањето дека не може да се даде согласност значи дека немате согласност од надлежниот орган! Овој случај покажува дека треба веднаш да почне постапка за носење измени на законот за здруженија и фондации во кои ќе се пропише јасна постапка за регистрирање на истите, јасни критериуми кои имиња би биле забранети за употреба и да се предвиди компетентна комисија која ќе оцени дали одредено лице е историска личност и да дава предлог за одобрување или неодобрување на употреба неговото име“,
пишува Дескоска на фејсбук.
„Културен центар Иван Михайлов – Битола“
Здружението Културен центар „Иван Михајлов“ Битола на фејсбук го користи името „Културен центар Иван Михайлов – Битола“. Во последната објава на оваа социјална мрежа реагираат дека се сегрегирани во земјава, а велат и дека Тито ја создал Македонија, како што Путин создал држава во Донбас.
„Ги сакаме нашите права – Бугарите во Уставот, Историската вистина – во учебниците“, реагираат од Здружението.

За разлика од официјалните документи според кои е регистрирано, Здружението во пракса користи друго име што е видливо и на просториите на клубот отворен викендов.

Меѓу достапните информации за активностите на Здружението е и онаа дека лани испратиле писмо до претседателот на Бугарија, Румен Радев, во кое, меѓу другото, се наведува дека има зачестени појави на повреда на нивните права поради фактот што се определуваат како етнички Бугари.