Со оглед на тоа што впишувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија не е дел од официјалната бугарска позиција, министерката за надворешни работи Генчовска вели дека „затоа е многу важно Народното собрание да даде јасен мандат за преговори доколку сите парламентарни сили сакаат да направиме барем нешто позитивно до крајот на француското претседателство“
Генчовска зборува за резултат до јуни, а ако веќе се носат нова декларација и нова рамковна позиција (заради вметнување на барањето за промена на Уставот), дали е тоа шанса тие документи, кои се сметаат за главна пречка за пробив досега, да се прилагодат на реалноста која вели дека македонскиот јазик е црвената линија за Северна Македонија
Во Бугарија кулминира разногласието во владината коалиција на тема Северна Македонија. Овој впечаток, создаван во изминатите неколку дена, денеска доби нова потврда со изјавите на шефицата на бугарската дипломатија, Теодора Генчовска, за време на затворената седница на парламентот (според протечените информации што ги пренесуваат бугарските медиуми), но и по собраниското заседание (во изјавата дадена за новинарите).
Сумирано, Генчовска вели дека Бугарија има две надворешни политики во однос на Северна Македонија – една што ја води нејзиното министерство (и што „строго ја следи националната позиција“) и друга што ја турка советничката екипа на премиерот Кирил Петков, предводена од Весела Чернева (за која, веројатно, по логиката дека е различна, треба да се сфати дека не баш толку строго ја следи националната позиција). Или, преведено, премиерот и неговиот тим се подготвени на компромис со Скопје, по кој би следувало кревање на ветото, а бугарското МНР цврсто се држи до Декларацијата на Народното собрание и до Рамковната позиција на Владата.
Всушност, денешните настапи на Генчовска се само продолжение на веќе осведочените разлики меѓу партиите што ја сочинуваат актуелната владејачка коалиција во Бугарија, а особено меѓу „Продолжуваме со промените“ (на премиерот Петков) и „Има таков народ“ (на Слави Трифонов), чиј кадар е и министерката за надворешни работи. Во вакви околности, дополнети со воздржаноста на уште еден од партнерите во владата – Бугарската социјалистичка партија, шансите за деблокирање на пристапниот процес на Северна Македонија во Европската Унија во јуни, изгледаат само теоретски.
Ќе се носат нова декларација и рамковна позиција?
Она што, сепак, дава зрак надеж дека се уште има игра за јуни е еден сегмент од денешната јавна изјава на министерката Генчовска што не доби публицитет во медиумите. Ако колегите од бугарски „Дневник“ коректно ја цитираат шефицата на дипломатијата, а немаме причини да не веруваме дека е така зашто станува збор за кредибилен медиум, таа, меѓу другото, рекла (цитат од текстот на „Дневник“):
„Според неа, изгубено е драгоцено време од јануари во кое можеше да се отвори Уставот на Северна Македонија за да се запишат Бугарите како официјално малцинство. Сепак, таа појасни дека овој услов не се појавува во бугарската рамковна позиција за Северна Македонија, ‘затоа е многу важно Народното собрание да даде јасен мандат за преговори доколку сите парламентарни сили сакаат да направиме барем нешто позитивно до крајот на француското претседателство’.“
Овие тези на Генчовска се вредни за анализа од повеќе аспекти.
Прво, премиерот Петков во изминатите денови неколкупати порача дека никаква одлука за Северна Македонија нема да се носи вон парламентот. Денеска и министерката од партијата на Трифонов бара мандат од парламентот.
Второ, кога Генчовска вели дека впишувањето на Бугарите во Уставот на РСМ не е дел од официјалната бугарска позиција, таа мисли на Декларацијата на 44. Народно собрание и на Рамковната позиција на бугарската влада од 2019 година. Ако треба промената на Уставот и официјално да се внесе како барање, тогаш потребни се нова декларација и нова рамковна позиција. А, токму тие два документа (актуелните нивни верзии) се сметаат за главна пречка за договор меѓу Скопје и Софија поради тоа што содржат услови што се неприфатливи, па и навредливи, за македонската страна, како на пример, за македонскиот јазик. Ако веќе се носат нова декларација и нова рамковна позиција, дали е тоа шанса тие да се прилагодат на реалноста која вели дека македонскиот јазик е црвената линија за Северна Македонија?
Трето, шефицата на бугарската дипломатија зборува „да се направи нешто позитивно до крајот на француското претседателство“. Тоа значи до крајот на јуни оваа година што е и целта за која се зборува од различни страни, а за што и Петков е предмет на критика.
Тогаш, дали Генчовска и Петков, сепак, имаат повеќе сличности отколку разлики на темата Северна Македонија?