Поради целосна дезинфекција на објектот, Клиниката ќе биде затворена на две недели, а тројцата пациенти што во моментов се лекуваат таму ќе бидат на кратко префрлени во болницата „8 Септември“ и сите други што ќе имаат потреба од инфектолози ќе бидат пренасочени во таа болница, изјави директорката на Инфективната клиника д-р Милена Стевановиќ
Инфективната клиника во Скопје ќе биде затворена две недели бидејќи поради огромниот број пациенти e потребна целосна дезинфекција на објектот, изјави директорката на Клиниката д-р Милена Стевановиќ.
„Ќе се направи сериозно чистење, стерилизација, дезинфекција на душеци, перници, медицинскиот мебел, сè она што е простор, ѕидови и подови итн. Ќе се направат и некои дополнителни процедури кои ни се рутинска потреба која не можевме да ја направиме поради бројот на пациенти – рутинско проверување на противпожарните апарати, дополнување на сензорите за пожар, кои малку заостанаа во овој период“, рече Стевановиќ за ТВ Телма.
Ова, како што посочи таа, ќе биде добредојдено и за персоналот кој две години континуирано е под притисок на ковид-19 за, како што додаде, персоналот малку да одмори. Но она што е главно, истакна Стевановиќ, е комплетно да се подготви клиниката за евентуално нов бран и пациенти.
Тројцата пациенти што во моментов се лекуваат на клиниката ќе бидат на кратко префрлени во болницата „8 Септември“ и сите други што ќе имаат потреба од инфектолози ќе бидат пренасочени во таа болница.