Поранешните обвинители во СЈО, Гаврил Бубевски и Артан Ајро го вперуваат прстот кон Државното правобранителство кое, според нив, требало да ги заштити државните имотни интереси во случајот со пропаднатата конфискација на имотот на „Трансмет“ во вредност од 17 милиони евра
Реакцијата на Бубевски и Ајро доаѓа откако добија кривична пријава од Државното правобранителство поради основано сомнение за сторено кривично дело „Злосторничко здружување заради злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Несовесно работење“

Нашето постапување е законито, велат поранешните обвинители во СЈО, Артан Ајро и Гаврил Бубевски, кои добија кривична пријава од Државното правобранителство за постапката за конфискација на имотот во предметот „Труст“. Документите со кривичните пријави за конфискацијата на имотот на „Трансмет“ се доставени до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и до Владата, а обвинителите очекуваат дека проверката ќе покаже оти тие се невини. Бубевски и Ајро го вперуваат прстот кон оние што, всушност, им ја поднесоа кривичната пријава.
„Во предметот ‘Труст’, во кој постапувавме како надлежни јавни обвинители, ги презедовме сите мерки и активности во наша надлежност. Задача на обвинителството е да ја лоцира имотната корист, да побара од судот нејзино замрзнување и на крајот на судската постапка да предложи нејзина конфискација. Согласно член 202 став 11 и член 541 став 5 од Законот за кривична постапка, сите дејствија врз имотот и предметите што се предмет на обезбедување, а кои се преземени по поднесувањето на барањето за привремена мерка, како што е во овој случај, се ништовни. Постапката за заштита на имотните интереси на државата надвор од кривичниот прогон е во надлежност на Државното правобранителство“,
пишува во заедничката изјава на Бубевски и Ајро.
Обвинителите посочуваат дека во конкретната стечајна постапка доверител е државата, а нејзин застапник за имотните интереси е Државното правобранителство. Оттаму, како што велат тие, Јавното обвинителство по ниту една основа не се појавува како доверител во стечајната постапка, ниту е известено за нејзиниот исход.
„Тоа, впрочем, е истакнато и во решението на стечајниот судија, кој во текот на постапката му предочил на Државниот правобранител дека дел од имотот кој е предмет на стечајно побарување е предмет на конфискација со правосилна пресуда. Но, и покрај укажувањето, државниот правобранител не ги заштитил имотните интереси на државата. На крајот на судската постапка во предметот ‘Труст’ обвинителството, согласно своите надлежности, побара конфискација на имотот и по правосилноста на пресудата, тој имот е запишан на име на Република Северна Македонија. Имотот што е предмет на конфискација постои и неговото впаричување не е оневозможено“,
тврдат Бубевски и Ајро.
Двајцата обвинители очекуваат проверките да утврдат дека постапувале по закон. Тврдат дека се работи за напад врз нив како јавни обвинители кои постапуваа во предметот, а забележуваат и дека во емисијата „Код“ еднострано бил презентиран комплексниот предмет поврзан со конфискацијата во „Труст“.
„Во емисијата прекршен е принципот на пресумпција на невиност, а изнесените еднострани наводи и констатации се шпекулации. Истакнуваме дека нашето постапување е законито и очекуваме дека во постапката ќе се утврдат битните факти и околности за донесување соодветна одлука, а особено дали со поднесената кривична пријава се врши кривично дело лажно пријавување. Остануваме отворени и транспарентни за медиумите за да може јавноста да ги добие точните информации“,
велат двајцата обвинители.
Покрај Ајро и Бубевски, кривична пријава од Државното правобранителство ги опфаќа и Арафат Муареми, поранешен истражител во СЈО, сега Директор на Управата за финансиска полиција и поранешниот сопственик на „Трансмет“, Сеад Кочан. Кривичната пријава е поднесена поради основано сомнение за сторено кривично дело „Злосторничко здружување заради злоупотреба на службена положба и овластување“ и „ Несовесно работење“.