Владината коалиција во Софија стои на стаклени нозе, но дел од политичките кругови во Брисел сè уште се оптимисти. Веруваат дека кога станува збор за почеток на пристапните преговори со Скопје и Тирана, европскиот и регионалниот интерес ќе надвладее над тесно националниот, особено во контекст на руската агресија врз Украина.
„Верувам дека почеток на пристапни преговори мора да има и тоа во атмосфера што ќе овозможи напредок во тој процес. Знам дека има неколку регионални отворени билатерални прашања кои треба да се надминат, но такви билатерални прашања имавме и во проширувањето во 2004 година – конфликти меѓу држави, конфликти кои вклучуваат истории, етнички идентитети, тоа не е ништо ново. ЕУ требаше со овие прашања да се справува во 2004 година и ние станавме искусни на многу тежок начин. Да, ние немавме војни 1990 години, но сме имале војни во ХХ и ХIХ век“,
вели европратеникот Владимир Билчик.
Словачкиот европратеник од редовите на Европската народна партија се противи на т.н. дикаплинг на Северна Македонија и Албанија и предупредува на можните последици за земјава.
„Верувам дека би било многу опасно да се одвојат Тирана и Скопје поради многу кршливита политичка димензија и поради етничкиот состав на земјите што се инволвирани. Треба да дадеме сигнал дека се движиме напред како регион“,
додава Билчик.

Tезата на поранешниот министер за надворешни работи, Денко Малески, е дека регионот се движи напред и ги решава отворените прашања кога за тоа имаат интерес големите играчи. За пример го искористи македонско-грчкиот спор кој, по 25 години, беше надминат откако Западот, по руските обиди за влијание, почна да го перцепира како безбедносно прашање. Западен Балкан, според Малески, повторно е на меѓата на раздвојување во, како што ја нарекува, новата Студена војна.

„Најдобриот начин за промовирање на демократските вредности е да се отворат вратите за преговори за членство во ЕУ. Мислам дека тоа е единствениот начин. Случувањата на меѓународната сцена бараат ангажман и од Унијата и од земјите од Западен Балкан. Има прашања за решавање во Босна, меѓу Косово и Србија и меѓу Бугарија и Македонија. Сега, откако почна новата Студена војна меѓу демократиите и автократиите, промовирањето демократија на Западен Балкан стана безбедносно прашање. Едноставно кажано, но работата е колосална“,
вели тој.
Но, така не мислат сите партнери во бугарската влада. Проактивниот однос на премиерот Кирил Петков и обидите да создаде атмосфера за кревање на ветото за Северна Македонија наидоа на критика и воздржаност кај две од четирите партии членки на владејачката коалиција. Една е Бугарската социјалистичка партија, која има 26 пратеници во 240-члениот парламент, а изминатиот викенд одржа состанок на највисокиот орган.
„Почеток на процесот на пристапување на Република Северна Македонија кон Европската Унија да почне само по исполнување на билатералниот договор меѓу Бугарија и Македонија, со почитување на националниот интерес и исполнување на одредбите од Договорот, како и Декларацијата на Народното собрание и одлуките на Консулативниот совет за национална безбедност“,
кажа Корнелија Нинова.

Сепак, највознемирени на оваа тема се од партијата Има таков народ на шуменот Слави Трифонов. Најекспонираниот во јавните настапи, заменикот на Трифонов, потврди дека една од точките за разговор при неодамнешната посета на претседателката на Европската комисија на Бугарија била и Северна Македонија, како и дека содржината на договорот Софија-Скопје со кој Петков сака да оправда деблокада, е неприфатлива за нив.
„Вчера бевме на средба со госпоѓата Урсула фон дер Лајен и таа побара од нас, секоја од коалициските партии, да кажеме став за Северна Македонија. Ние немаме заеднички став, имаме коалициски договор. Тоа што го предлага премиерот и што им зборувал на европските партнери дека тоа ќе се случи во јуни… Кој го кажал тоа? Господин Петков и претпоставувам неговата советничка за надворешна политика Весела Чернева. Кому ветувале? Не знам дали ветувале или навестувале, но останале на ставот дека до јуни нештата ќе се решат. А да не зборувам дека работите што ги предлагаат се многу далеку од коалицискиот договор. Ете, тоа е нарушување на коалицискиот договор“,
рече Тошко Јорданов.

Петков, во обид да ја смири топката, повторно уверува дека не се обидува да протне решение на мала врата.
„Сакам да ве информирам вас, претставници на медиумите и коалициските партнери, дека никакви решенија нема да бидат преземени за темите Северна Македонија и Украина вон бугарскиот парламент“,
вели бугарскиот премиер.

Но, темата за Македонија се уште официјално и не дошла на дневен ред пред владините партнери во Бугарија. Во моментов владата на Петков ја тресат серија други прашања, како изборот на нов гувернер на Народната банка и испраќањето воена помош за Украина. Односите се толку тензични што во меѓусебните препукувања на партнерите во владата има и обвинувања за политичко рекетирање. Затоа дел од аналитичарите кај соседот велат дека или коалицијата ќе се ресетира или ќе се распадне.