Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, пак, утрово во гостувањето на „Утрински брифинг“ истакна дека правото на штрајк е загарантирано, но и дека тој лично смета оти СОНК не дал шанса за преговори. Битиќи посочи дека на преговорите за минималната плата се договориле усогласувањето на платите да се направи за шест месеци, но токму СОНК по само три дена излегол и го најавил штрајкот
Штрајкот во училиштата и градинките е почнат, од тоа што досега ми е пратено како порака од најголемиот дел колеги, така е како што планиравме. Во најголем дел или огромен дел се штрајкува без сериозни проблеми, изјави за МИА Јаким Неделков, претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) кој денеска го почна генералниот штрајк во дејностите образование и детска заштита.
Подоцна во текот на денот се очекува СОНК да одржи и прес-конференција на која ќе информира за оцена за штрајкот и евентуално за проблеми.
„Евентуално, ако имало конфликтна ситуација или вршење притисок врз оние што штрајкуваат да мора да се прифаќаат децата. Ние рековме дека штрајкувачите ќе бидат во посебна просторија. Одговорноста за прифаќање на учениците односно на децата во градинките ќе биде на директорите. Не може по секоја цена или со сила да ги принудуваат штрајкувачите да го прават тоа што не треба да го прават за време на штрајкот“,
додаде Неделков.
Генералниот штрајк во училиштата и градинките СОНК го организира бидејќи не е исполнето нивното барање веднаш да се зголемат платите на вработените во образованието и градинките за 18,4 проценти, односно нивно усогласување со порастот на минималната плата, која од март се зголеми од 15 200 на 18 000 денари, како и дополнително – минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.
Преговорите меѓу СОНК и Владата во изминатите две недели завршија без договор. По последната средба минатиот понеделник, Неделков рече дека нема краткорочно решение со кое веднаш ќе се зголемат платите на дејностите што ги застапува Синдикатот, кој поради тоа денеска го активираше најавениот штрајк.
Вицепремиерот за економски прашања и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи, пак, утрово во гостувањето на „Утрински брифинг“ истакна дека правото на штрајк е загарантирано, но и дека тој лично смета оти СОНК не дал шанса за преговори. Битиќи посочи дека на преговорите за минимална плата се договориле усогласувањето да се направи за шест месеци, но токму СОНК по само три дена излегол и го најавил штрајкот.
„Генерален штрајк очигледно е започнат, за жал, сметам дека не им се даде шанса доволно на преговорите од страна на СОНК. И покрај неколкуте обиди да преговараме, сепак, повикаа на штрајк иако сметам дека во одредени региони е парцијално затоа што има региони во кој самите градоначалници повикаа воспитно-образовниот процес продолжи затоа што децата треба да бидат приоритет, а за сето друго се наоѓа решение на маса на преговори. Во Економско-социјалниот совет беа вклучени и СОНК и КСС, иако не се репрезентативни синдикати. На преговорите за минималната плата се договоривме дека усогласувањето ќе се врши во рок од шест месеци, но сепак, по само три дена, тие најавија дека на 11 април ќе има штрајк“,
рече Битиќи.