Откако десетици руски дипломати беа протерани од Германија, Франција и Данска изминативе денови, и Шпанија, Италија и Шведска се одлучија на истиот чекор и им се придружија на европските сојузници во таа одлука. Во меѓувреме, Русија истакна оти соодветно и пропорционално ќе одговори на протерувањето на нејзините дипломати од голем број европски земји, а портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, протерувањето на руски дипломати го оцени како „кратковиден“
Бесот поради масовните цивилни убиства во украинскиот град Буча ги натера Шпанија, Италија и Шведска им се придружат на ЕУ-сојузниците, па решија да протераат руски дипломати од своите земји, откако претходно деновиве на таков чекор се одлучија Данска, Германија и Франција.
Шпанија протерува околу 25 руски дипломати
Шпанија ќе протера околу 25 руски дипломати и вработени во руската амбасада во Мадрид, најави денеска шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, придружувајќи им се на другите земји од Европската Унија во нејзиниот одговор на наводните на воени злосторства од страна на руските војници во Украина.
„Одлучивме да ги протераме руските дипломати и персоналот од руската амбасада во Шпанија, кои претставуваат закана за интересите и безбедноста на нашата земја“,
рече тој по неделниот состанок на владата.
Албарес рече дека неговата влада очекува Русија да протера сличен број шпански дипломати како одговор.
Сепак, тој рече оти Шпанија нема да го протера рускиот амбасадор бидејќи Мадрид сака да го задржи својот амбасадор во Москва и да ги остави отворени дипломатските канали за разговори со Русија за ставање крај на војната.
Италија протерува 30 руски дипломати
Италија одлучи да протера 30 руски дипломати поради „национални безбедносни причини“, изјави денеска италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо.
Шефот на италијанската дипломатија истакна дека на рускиот амбасадор во Италија претходно денеска му било кажано оти дипломатите кои служат во амбасадата „се непожелни луѓе“.
„Одлуката донесена во договор со другите европски и атлантски партнери беше потребна од причини поврзани со нашата национална безбедност, во контекст на актуелната криза што произлегува од неоправданата агресија врз Украина од страна на Руската Федерација“,
рече Ди Мајо и додаде оти Италија е на располагање да дејствува како гарант за безбедноста и мирот во Украина.
Шведска протерува тројца руски дипломати
И Шведска одлучи да протера тројца руски дипломати поради шпионирање, изјави денеска шведската министерка за надворешни работи Ен Линде, придружувајќи се на голем број европски земји кои протераа руски дипломати изминативе денови.
„Тоа е затоа што тие не ја следат Виенската конвенција и преземаат незаконски операции за собирање разузнавачки информации“,
им рече Линде на новинарите.
Во меѓувреме, Русија истакна оти соодветно и пропорционално ќе одговори на протерувањето на нејзините дипломати од голем број западноевропските земји, а портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков го оцени како „кратковиден“ потегот на европските земји кои се одлучија да протераат руски дипломати од својата територија.
„Стеснувањето на можностите за дипломатска комуникација во ваква невидено тешка кризна ситуација е кратковиден потег што дополнително ќе ја комплицира нашата комуникација потребна за изнаоѓање решение“,
истакна Песков.
Изминативе денови и Германија, Франција и Данска одлучија да протераат руски дипломати од својата територија, меѓу другото, како одговор на руското насилство кое деновиве го погоди украинскиот град Буча, а каде што според украинските наводи беа убиени над 400 цивили.