„Сите го знаат одговорот: тоа ќе биде симетрично и деструктивно за билатералните односи. Кого казнија? Пред сè себеси“, напиша на Телеграм поранешниот руски претседател и потпретседател на националниот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, откако дел од западните земји продолжуваат да протеруваат руски дипломати прогласувајќи ги за непожелни
Русија соодветно и пропорционално ќе одговори на протерувањето на нејзините дипломати од голем број западни земји, изјави поранешниот руски претседател и потпретседател на националниот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев.
„Сите го знаат одговорот: тоа ќе биде симетрично и деструктивно за билатералните односи. Кого казнија? Пред сè себеси“,
објави тој на Телеграм.
Франција вчера соопшти оти ќе протера околу 35 руски дипломати чии активности се против нејзините интереси, а претходно и Германија значителен број руски дипломати ги прогласи за непожелни.
„Ако вака продолжи, ќе биде соодветно, како што напишав на 26 февруари – да се затвораат вратите на западните амбасади. И тогаш на крајот само ќе се гледаме еден на друг, на никаков друг начин, освен низ нишани“,
наведе Медведев.
Пред една седмица и Северна Македонија протера пет руски дипломати од земјава и ги прогласи за персона нон грата.
Ова во рамките на Министерството за надворешни работи му било соопштено на амбасадорот на Руската Федерација во земјава, Сергеј Баздникин, кому му била врачена дипломатска нота, со која петмина вработени во Амбасадата на Руската Федерација се посочени како непожелни во земјава.