Наспроти скепсата дека стратешките документи често остануваат неостварени желби, владиниот советник Елвис Мемети, во интервју за „360 степени“, вели дека тоа е добар пат, бидејќи така уште од 2009 г. се обезбедува посебен буџет за програми за ромското население
Од невладиниот сектор сметаат дека 8-9 евра по глава на жител Ром годишно се малку пари, но сакаат да останат оптимисти дека работите барем се движат
Стратегијата, меѓу другото, предвидува антиџипсизмот да стане кривично дело до 2030 година

На 15 февруари годинава Владата лиферуваше соопштение за одлуките од седницата одржана тој ден, во кое, меѓу другото, се информира и дека е усвоена Стратегијата за инклузија на Ромите за периодот до 2030 година.
„Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030 во Република Северна Македонија е дел од јавните политики на државата за изедначување на степенот на вклученост и интеграција на ромската заедница со сите етнички заедници. Стратегијата и инвестирањето во развојот на ромската заедница има долгорочни придобивки и е во согласност со постигнувањето на одржливите развојни цели на ОН“,
кусо објави Владата.

Не е првпат Владата да носи документи за ромското население, a и неретко политичките гарнитури биле на тапет дека тие нецелосно и неефикасно се спроведуваат во пракса. И Европската комисија во последниот извештај за Северна Македонија констатира ограничен напредок во инклузијата на Ромите.
Но, владиниот советник за инклузија на Ромите, Елвис Мемети, сака да верува во процесот. Вели дека благодарение на ваквите документи уште од 2009 година во буџетот има посебни програми за ромското население.
„Основната работа на сите институции се стратешките документи. Јас сум убеден дека тоа е добар пат. Дали средствата се доволни, тоа е веќе друга дискусија“,
вели Мемети во интервју за „360 степени“, кое може да го погледнете во видеото подолу.
Само годинава за реализација на целите на Стратегијата се одвоени околу еден милион евра од буџетите на четири владини ресори: труд и социјална политика, транспорт и врски, здравство и образование.
Стратегијата опфаќа низа клучни цели поврзани со образованието (на пример, опфат на децата во училиштата), подобрување на квалитетот на здравствената заштита, продолжување на животниот век, намалување на социјалната исклученост и сиромаштија, средување на граѓанската регистрација…




Најприоритетни прашања, според советникот Мемети, се вработувањето и домувањето, каде се очекуваат и првите видливи резултати, преку мерките од Оперативниот план за вработување и активностите поврзани со легализација на живеалиштата.
„Тоа е основното и тоа е поврзано со сите останати сектори, затоа што, на пример, ако живеете на импровизиран начин, а такви примери имаме ширум државата, тогаш тешко е да се фати чекор со образованието, тешко е да се следи социјалната инклузија на овие лица или, со еден збор, започнува лавиринтот кој оневозможува целосна интеграција или инклузија“,
додава Мемети.

Прв пресек во 2025 година
Процесите започнати со Стратегијата ќе се преиспитаат во 2025 година, а по пресекот ќе се направи анализа и за натамошните чекори. На графиконот подолу е прикажана институционалната поставеност во спроведувањето на Стратегијата.

Национална контакт точка е советникот на премиерот Елвис Мемети. Во Националното координативно тело, пак, кое е одговорно за евалуирање на активностите, членува по еден претставник од секој владин ресор.
Министерството за труд и социјална политика (МТСП) е одговорно за вработување и намалување на сиромаштијата, Министерството за образование – за образовните политики и гаранцијата за млади, додека Министерството за транспорт и врски – за политиките за домување и капиталните дотации до општините. Министерството за здравство, пак, е задолжено за креирање посебни програми за здравствена заштита, инфраструктура и ресурси.
Невладиниот сектор бара резултати
Стратегијата, како и сите други владини одлуки, се под постојана лупа на граѓанските организации, кои работат на унапредување на положбата на Ромите. Таква мисија има и Институтот за истражување и анализи на политики „Ромалитико“, чиј извршен директор, Елвис Шаќири, вели дека секоја година ќе се изготвуваат извештаи за секоја од областите предвидени со Стратегијата.
„Сведоци сме дека ова ни е трета стратегија. За жал, и стратегијата и акционите планови беа листа на желби и мораме да признаеме дека Ромите се третираат исклучиво како социјална категорија, иако тоа е и политичко прашање. Досега буџетот кој се одвојуваше беше еден милион евра. По глава на жител Ром, тоа е некаде околу 8-9 евра. Со тие пари сакате да решите прашање, кое се провлекува историски?! Нема заедница што се соочува со толку пречки. Но, мораме да бидеме оптимисти, не веруваме дека ќе биде розово, туку дека барем ќе се направи повеќе. Особено очекуваме фокус во делот на домувањето. Сè уште има населби каде нема пристап до вода, не се урбанизирани средините, веруваме дека тој проблем ќе се реши. И делот со легализацијата, секако“,
додава Шаќири.

Тој се осврнува и на антиџипсизмот што, според Стратегијата, треба да стане кривично дело до 2030 година.
„Ромската заедница сè почесто се соочува со тој антиромски сентимент и сметаме дека ако се вметне во Кривичниот законик, дополнително ќе се придонесе во искоренување на оваа појава, која, за жал, кај нас сè уште постои. Сведочиме дека, на пример, геноцидот кој се случил врз Ромите во Втората светска војна сè уште се негира, и тоа е само еден пример“,
истакнува Шаќири.