Велешанка пријавила тепање и силување, но постапката против осомничениот е запрена зашто, според основното јавното обвинителство Велес, нема докази дека тој го сторил силувањето. Хелсиншкиот комитет и Македонското здружение на млади правници реагираат на начинот на кој е воден целиот случај. Погледнете го видеото
На 2 август 2020 г., во скопски ресторан, момче и девојка од Велес, прво разговарале за нивната врска, а потоа, доцна вечерта, со автомобил тргнале кон родниот град, кога на автопатот Скопје-Велес се случил настан, за чии последици жртвата неколкупати и јавно зборувала.
„Јас сум силувана девојка, претепана до смрт, со тупаници, со раце, со нозе, со сѐ. Ме тепаше, па ме силуваше, па после пак ме доискрши“,
сведочеше жртвата во телефонска изјава за ТВ 24.
Жртвата прво пријавила тепање, а потоа и силување. По низата искази, вештачењe, па и реконструкција на настанот, Основното јавно обвинителство Велес во февруари годинава одлучи да ја запре постапката, бидејќи немало докази дека осомничениот сторил силување. Но:
„Целата истражна постапка и предистражна постапка е пропратена со многу недоследности“,
реагира Хелсиншкиот комитет за човекови права
„Жртвата има право да биде третирана со посебно внимание и грижа од страна на органите и субјектите кои учествуваат во кривичната постапка“,
потсетуваат од Макеоднското здружение на млади правници.
Вишото јавно обвинителство веќе ја одреди „судбината“ на предметот.
Хелсиншкиот комитет и Македонското здружение на млади правници се дел од невладините кои направија реконструкција, aма на постапувањето на органите на прогонот во овој случај. Имаат серија аргументи зошто предметот треба да се врати на повторно одлучување. Еден од нив е дека Моника од Велес за силувањето давала исказ пред полицаец од машки пол. Исказот не бил ниту видео ниту тонски снимен, па она што го преживеала, морала одново да го прераскажува во неколку наврати во текот на постапката.
„Треба да се знае, да се напомене, да се апелира, дека со секое одново давање на исказ, жртвата го преживува настанот. Сметаме дека треба изјавата на секоја жртва, непосредно по случување на кривичното дело, да биде документирана, односно да биде видео и тонски снимана, бидејќи тој исказ кој го дава жртвата непосредно по сторување на кривично дело, ги содржи сите елементи којшто може да бидат од клучно важење на натамошниот тек на постапката“,
вели Весна Дишлијовска од Макеоднско здружение на млади правници.
А, во постапката, покрај сослушувањата, врз Моника е направено и полиграфско тестирање, и тоа – додека била под дејство на лекови.
„Полиграфското тестирање се спроведува за откривање на сторител на кривичното дело, меѓутоа, во конкретниот случај жртвата е таа што се јавува во својство на пријавител на кривично дело. Во Законот за полиција истотака се наведени и одредби во кои случаи не смее едно лице да биде подложно на полиграфско тестирање, а една од причините е во случај кога самата жртва е на лекови за смирување“,
објаснува Дишлијовска.

Истрагата не се задржала само на исказите. Дополнително, Обвинителството, како доказно средство обезбедилo и прихијатриско вештачење на Моника, кое, според невладините, не одговорило на тоа дали жртвата има последици од силувањето.
Кулминација во постапката, велат од Хелсиншкиот комитет, е начинот на кој е спроведена реконструкцијата на случајот.
„Жртвата била присутна заедно со обвинетиот за време на реконструкцијата којашто ја извршувале актери од Драмски театар, во истата кола во којашто се случил и критичниот настан, а претходно повторно давала исказ пред вешто лице, за вештото лице да може да се запознае со случајот, коешто било најмено да ја изврши реконструкцијата. Значи, двојна виктимизација, значи дополнително предизвикување трауми, значи дополнителна несигурност од системот, дека жртвата како таква ќе добие соодветна заштита и ќе очекува правна разврска на она што и се случило и на траумата која ја има претрпено и со силувањето и со телесните повреди којшто при самото кривично дело се случиле“,
реагира Тона Карева од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
За Хелсиншкиот комитет, несфатливо е запирањето на истражната постапка, со оглед на видливи и фотографирани телесни повреди на жртвата, нејзина крв на фармерките на осомничениот и други докази.
„Пораката што се испраќа со ваквата одлука е дека оној што се осмелил да ја бара правдата, оној што пријавил нешто што му се случило, како ова кривично дело во конкретниот случај и којшто си се поставил себеси во позиција, како лицето МЈ, да биде двојно виктимизирана, тројно виктимизирана итн, да ја доживува повторно и повторно својата траума дека за неа нема правда и дека за неа не може да се оствари она што го сака, односно да биде кривично одговорен оној што го сторил делото према неа“,
предупредува Карева.

Против одлуката на ОЈО Велес за запирање на постапката, поднесена е жалба до повисоката инстанца – Вишото јавно обвинителство. Но, Вишото обвинителство ја отфрлило жалбата и ја потврдило одлуката на Обвинителството во Велес.
Обвинителството не ги коментираше наводите на граѓанските оргaнизации кои го мониторираат случајот, туку само повтори оти истражната постапка е запрена поради немање докази за силување. Во однос на телесните повреди на Моника, пак, од ОЈО Велес ја поучиле дека можеби има елементи на кривичното дело „Телесна повреда“, за кое гонењето се презема по приватна тужба. Дури и да нема доволно докази за силување, преквалификацијата на делото треба да биде поинаква и сторителот да се гони по службена должност, сметаат невладините.
„Како организација, сметаме дека треба да се води како телесна повреда при вршење семејно насилство, бидејќи станува збор за лица кои меѓусебе имале блиски, лични односи, а не станува збор за обична телесна повреда“,
вели Дишлијовска.
„Не само обвинителството туку и органите на прогон целокупно, во случаи на вакви кривични дела, кога станува збор на жртви, да постапуваат со должно внимание, во насока на заштита на жртвата и, секако, да се воздржуваат од дејствија што ќе значат двојна виктимизација“,
апелира Карева.