Министерот истакна оти е убеден дека ќе се најдат други алтернативи за снабдување со природен гас, а на дел од нив, како што посочи, веќе како држава работиме. Тој посочи и оти утринава разговарал и со гувернерката на Народната банка и оти сè уште нема насока од Европската централна банка бидејќи во нашата курсна листа ја нема рубљата како валута и не може да се прават такви трансакции
Не би имале некаков проблем во делот на топлинската и електричната енергија при евентуална одлука на Руската Федерација – „непријателските земји“ да го плаќаат природниот гас во рубли, смета министерот за економија Крешник Бектеши, кој на денешната прес-конференција истакна оти до 15 април е осигурено снабдувањето со природен гас во земјава.
„Во случај да се донесе таква одлука, сите други алтернативни ресурси на природен гас со кои ќе се снабдува Бугарија, ќе може да ги користиме и ние“,
рече Бектеши одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција во Владата.
Како земја членка на НАТО, која има аспирации за влез и во ЕУ, Бектеши истакна дека државата ќе ги почитува сите одлуки што ќе бидат донесени на ниво на Алијансата и од страна на членките на ЕУ, но убеден е дека ќе се изнајдат други алтернативи за снабдување со природен гас.
На дел од нив, како што посочи, веќе се работи, а тоа се новиот интерконекторот со Грција, директното учество во Александропулос и интерконекторот со Бугарија.
Министерот, меѓу другото, посочи оти утринава разговарал и со гувернерката на Народната банка и оти сè уште нема насока од Европската централна банка бидејќи во нашата курсна листа ја нема рубљата како валута и не може да се прават такви трансакции.