Во меѓувреме, локалните власти објавија за жестоко гранатирање на неколку града во источниот регион Луганск, пренесува Си-ен-ен. Во Северодонецк се убиени две лица
Руските сили се повлекуваат од регионот Чернихив, но сè уште не се целосно заминати, изјави локалниот гувернер Вјачеслав Клаус, јави Би-би-си.
Каус за Ројтерс, сепак, предупредува дека сè уште се можни воздушни и ракетни напади во регионот.
Во меѓувреме, локалните власти објавија за жестоко гранатирање на неколку града во источниот регион Луганск, пренесува Си-ен-ен. Во Северодонецк се убиени две лица.
Состојбата во опколениот град Мариупол и натаму е непроменета иако Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека конвој од три возила го напушти Запорожје и се упатил кон опколениот град со цел да се обиде да ја олесни евакуацијата на цивилите, откако пристигнаа безбедносни гаранции од сите страни.
Според Црвениот крст, оваа операција е „очајно важна“, бидејќи десетици илјади луѓе сè уште се заробени во градот.
Помошникот на градоначалникот на Мариупол изјави дека опколениот јужен украински град останува затворен за сите што се обидуваат да влезат и дека е многу опасно некој да се обиде да излезе.
Петро Андрјушенко изјави дека руските сили не дозволуваат хуманитарна помош да стигне до заробените граѓани и нагласи дека планираниот хуманитарен коридор не е ни отворен.
Претходно денеска руските сили изјавија дека се согласни денеска да биде отворен хуманитарен коридор од Мариупол до Запорожје.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека има одреден напредок во мировните преговори со Украина, пренесува Ројтерс.
Тој рече дека Москва подготвува одговор на понудите на Украина, кои вклучуваат понуда на Киев да стане неутрален во замена за безбедносни гаранции.