Конвојот на Црвениот крст (МКЦК) кој носи хуманитарна и медицинска помош во Мариупол е блокиран во Запорожје, бидејќи до денеска сè уште не се добиени потребните безбедносни гаранции за тимот
Руските сили соопштија дека денеска повторно ќе биде отворен коридор за евакуација на населението од опколениот град Мариупол до Запорожје.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека војската повторно ќе го отвори хуманитарниот коридор од јужниот град Мариупол до Запорожје на 1 април по барање на лидерите на Франција и на Германија.
Коридорот ќе биде отворен од 10 часот по московско време, а руските војници ќе постават попатна станица во јужниот град Бердјанск.
Според украинските власти, конвоите вчера се соочиле со повеќе проблеми, а исто така тврдат дека руските сили ја запленувале хуманитарната помош и ги блокирале автобусите.
Според украинските власти во Мариупол уште околу 100 000 цивили останале заробени во градот.

Конвојот на Црвениот крст (МКЦК) кој носи хуманитарна и медицинска помош во Мариупол е блокиран во Запорожје, бидејќи до денеска сè уште не се добиени потребните безбедносни гаранции за тимот.
Конвојот од пет возила за поддршка и два камиони со помош треба да однесат помош во опколениот град каде што десетици илјади луѓе остануваат заробени.
Поради одредена конфузија, тимот на Црвениот крст, исто така, се надеваше дека ќе го надгледува извлекувањето на стотици цивили од Мариупол во автобусите обезбедени од украинската влада. Тие автобуси, кои се повеќе од 40 на број, патувале пред тимот на МКЦК вчера, но, според украински извори, биле запрени во градот Бердјанск на територијата под контрола на Русија.
Според извештаите, некои од автобусите биле ограбени од руски војници кои одзеле дел од помошта што ја носеле. Мал број автобуси успеале да се вратат во Запорожје со цивили.
Од Црвениот крст велат дека веројатно нема да продолжат без потребните безбедносни гаранции – прекин на огнот од сите страни, поради што нејасно е и дали преостанатите 30 автобуси ќе продолжат со или без надзор на МКЦК.