Според бугарскиот премиер, има неколку клучни аспекти – кога ќе се отворат архивите и говорот на омразата, односно што сме направиле како механизам против тоа и што ќе биде ставено во потенцијалната преговарачка рамка, како на пример дали Уставот на Северна Македонија ќе ги вклучува правата на Бугарите и дали ЕУ ќе сака да биде гарант за тоа
Бугарскиот премиер Кирил Петков очекува во најскоро време заедничката историска комисија на Северна Македонија и Бугарија да излезе со резултати, јави МИА од Софија.
„Колку што сум информиран, напредокот е огромен. Се радувам, дека кога од двете страни има дух да работиме заедно, се постигнуваат успеси“,
рече Петков пред новинарите за време на посетата на Благоевград.
Според него, има неколку клучни аспекти – кога ќе се отворат архивите и говорот на омразата, односно што сме направиле како механизам против тоа.
Петков додаде дека е важно што ќе биде ставено во потенцијалната преговарачка рамка, како на пример дали Уставот на Северна Македонија ќе ги вклучува правата на Бугарите и дали ЕУ ќе сака да биде гарант за тоа.
Бугарскиот премиер исто така оцени дека во моментот Западен Балкан има ризик да биде втора точка на конфликтот, поврзана со војната во Украина.
„Најлошо е Западен Балкан повторно да е регион со висок ризик на нестабилност – и од политички и од секаков вид аспект“,
рече Петков.
Претходно, бугарските медиуми објавија изјава на Петков дадена исто така во Благоевград, во која тој тврди дека руски агенти во Бугарија работеле против добрите односи меѓу Бугарија и С Македонија бидејќи како што рече интересот на Русија е насочен кон тоа да нема европска иднина за Западен Балкан.
Во Скопје денеска и утре се состанува заедничката експертска Комисија за историски прашања.
На дневен ред ќе бидат забелешките дадени од бугарската страна за средовековниот период за нашите учебници по историја за седмо одделение, откако беа разгледани македонските забелешки за бугарските учебници за шесто одделение.
Драги Ѓорѓиев, копретседавачот од македонска страна во Комисијата, за МИА оцени оти работата на Комисијата се одвива во позитивна атмосфера и доколку така продолжи, според него, ќе дојде до приближување на ставовите.
Во однос на прашањето за Гоце Делчев, кое се дискутира од аспект на заедничкото чествување, Ѓорѓиев за МИА вели дека тоа ќе се отвори на овој состанок, доколку остане време.
Состанокот доаѓа по средбата на шефовите на влади на земјите-членки на НАТО од Југоисточна Европа кој се одржа во Софија, а на кој присуствуваа и премиерите на Северна Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков.