И покрај неколкуте неуспешни телефонски разговори со Путин, францускиот претседател Емануел Макрон денеска повторно се очекува да телефонира со рускиот претседател
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска повторно телефонски ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин, соопшти Елисејската палата.
Како што истакна портпаролката на француското Министерство за надворешни работи, Ан-Клер Лежандре, Макрон и Путин се очекува да се разговараат за деталите од планираната хуманитарна операција за евакуација на цивили од Мариупол, со помош на Грција и Турција и додаде оти Франција има намера да ја одржи активна комуникацијата со Русија.
По однос на изјавата на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, за плановите на Москва да воведе визен режим за државите означени како „непријателски“, Лежандре појасни дека земјите-членки на ЕУ се на тој список.
„Во моментов не знаеме каков пристап всушност ќе заземе Русија. Тоа би можело да биде една од мерките за одмазда што Русија претходно ги најави“,
нагласи портпаролката на француското МНР.
Францускиот претседател Емануел Макрон последен пат беше во посета на Москва на 7 февруари каде се сретна со Путин, а еден ден потоа замина за Киев.
Оттогаш па наваму двајцата претседатели редовно контактираат телефонски. Последен пат разговараа на 22 март, но не беше постигнат договор за прекин на огнот од руска страна.