Доскорешниот специјален претставник на Владата за Бугарија вели за „Дојче веле“ дека не е сигурен оти напредокот Комисијата за историски и образовни прашања ќе може да ја компензира критичната точка за промена на Преамбулата на македонскиот Устав, пред кревањето на блокадата, доколку тенденцијата е тоа да се случи до крајот на француското претседателство со ЕУ
Поранешниот македонски премиер Владо Бучковски, кој до јануари годинава беше специјален претставник на македонската Влада за Бугарија, е внимателен во оценката за разврската на македонско-бугарскиот спор, со оглед на менливоста на на ставовите на бугарската опозиција, пишува „Дојче веле“.
Тој ја смета за изненадувачка вчерашната оптимистичка изјава од бугарскиот премиер Кирил Петков, имајќи го предвид, како што вели, саботниот брифинг на министерот Османи, во кој порача дека има одредено приближување на ставовите, но ништо повеќе од тоа.
„Внимателноста на Османи е врз основа на преговорите за пакетот ‘4+1’, а оптимизмот на Петков е врз основа на наводниот напредок на заедничката Комисија за историски и образовни прашања. Тие, според достапните информации, на претходната средба, дискутираа за хармонизација на учебниците. Ако има напредок тоа би требало да биде за Цар Самуил. Во вакви околности кога војната во Украина и последиците од неа наметнуваат ургентност во затворањето на билатералниот спор, клучни ќе бидат следните неколку недели“,
смета Бучковски.
Одложената средба во Скопје меѓу Османи и Генчовска, смета Бучковски, беше компензирана со двете средби на Ковачевски и Петков – една во Брисел, една во Софија.
Тој вели дека не е сигурен оти напредокот на заедничката Комисија за историски и образовни прашања ќе може да ја компензира критичната точка за промена на Преамбулата на македонскиот Устав, пред кревањето на блокадата, доколку тенденцијата е тоа да се случи до крајот на француското претседателство со ЕУ.
„И да не заборавиме уште нешто. ГЕРБ пред месец-два и нудеше помош на власта во парламентот за евентуалниот компромис и новата Декларација за кревање на блокадата. Но, по приведувањето на Борисов, работите се драстично променети. Не очекувам ГЕРБ да ја поддржи владата за што било, туку поверојатно е дека ќе се обиде на ‘македонското прашање’ да ја подели владејачката коалиција“,
оценува Бучковски.