По состанокот во Киев, рускиот олигарх, како што се наведува, како и најмалку двајца високи членови на украинскиот преговарачки тим, развиле симптоми како црвени очи, постојано и болно кинење и лупење на кожата на лицето и рацете… Но сега се опоравуваат и нивните животи не се во опасност
Рускиот олигарх Роман Абрамович и украински мировни преговарачи имаат симптоми на труење откако се сретнаа во Киев претходно овој месец, пишува „The wall street journal“, цитирајќи извори блиски до пациентот.
Информацијата за труењето ја потврдил портпаролот на Абрамович неколку часа по објавата, јавува Би-би-си.
По состанокот во главниот град на Украина, Абрамович, кој патуваше меѓу Москва, Лавов и други места за преговори, како и најмалку двајца високи членови на украинскиот преговарачки тим, разви симптоми како црвени очи, постојано и болно кинење и лупење на кожата на лицето и рацете, пренесува WSJ.
Според весникот, за труењето се обвинуваат тврдокорните од Москва кои сакале да ги поткопаат мировните преговори.
Абрамович и украинските преговарачи се опоравуваат и нивните животи не се во опасност.
Лице блиско до Абрамович изјавило дека не е јасно која била целта, а западните експерти кои го истражуваат инцидентот велат дека е тешко да се утврди дали симптомите се предизвикани од хемиски или биолошки агенс или некој вид напад на електромагнетно зрачење.
Абрамович учествуваше во мировните преговори како посредник меѓу завојуваните страни. Тој, како и повеќето олигарси, заврши под санкции.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, како што беше соопштено пред пет дена, побарал од претседателот Џо Бајден во телефонски разговор да не воведува санкции за Абрамович, бидејќи тој може да се покаже како корисен посредник во мировните преговори со Москва, пишува Волстрит журнал.