Иако не откри детали, Петков истакна дека Комисијата за историски прашања постигнала напредок во преговорите за историските прашања меѓу двете земји
Со Ковачевски работиме многу координирано и со фокусирани распореди и временски рамки си поставивме неколку одредници кои мора да бидат остварени, порача денеска од Софија бугарскиот премиер Кирил Петков одговарајќи на новинарско прашање за време на прес-конференцијата на шефовите на влади на НАТО-земјите од Југоисточна Европа.
Петков, зборувајќи за бугарското вето во однос на отворањето на пристапните преговори на С Македонија за влез во ЕУ, истакна дека е забележан голем напредок, а за многу прашања кои изгледале тешки сега веќе вели дека се чувствува „позитивизам“ дека би можеле да се решат.
„Северна Македонија припаѓа во семејството на ЕУ, и тоа што е можно побргу. Секако, како што сите знаеме, имаме одредници кои треба да ги постигнеме, како што е заштитата на правата на малцинствата. Во блиска координација сме со ЕУ-партнерите, кои често се трета страна во овие преговори. Се надевам дека наскоро ќе го постигнеме тоа. Историски нашиот однос значително се подобри во изминатите три месеци, многу зборуваме и се координираме и имаме една заедничка цел. Го поддржувам фактот дека со оваа криза Западен Балкан треба да биде стабилен, а дел од таа стабилност е пристапувањето на Северна Македонија и Албанија во ЕУ. Се надевам дека во следните неколку недели ќе ги забрзаме преговорите“,
изјави Петков.
Иако не откри детали, Петков истакна дека Комисијата за историски прашања „постигнала напредок“ во преговорите за историските прашања меѓу двете земји и кога ќе бидат постигнати финалните заклучоци ќе може јавно да се сподели што е она што е договорено.