Бугарскиот премиер Кирил Петков ги покани лидерите на земјите членки на НАТО од ЈИЕ на состанок посветен на влијанието на украинската криза
На покана на бугарскиот премиер Кирил Петков, денеска во Софија ќе се одржи состанок на лидерите на земјите-членки на НАТО од Југоисточна Европа.
На настанот ќе присуствува премиерот Димитар Ковачевски, како и премиерите на Романија-Николае Чука и Црна Гора – Здравко Кривокапиќ, соопшти прес-службата на бугарската влада.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, премиерите ќе разменат мислења за последиците од конфликтот во сферите на безбедноста, енергетиката и економијата на краток, долг и среден рок.
Во овој контекст, акцент ќе биде ставен и на зајакнување на координацијата и соработката во Југоисточна Европа за справување со заедничките предизвици.
По завршувањето на работната сесија, учесниците на состанокот треба да имаат и брифинг со медиумите.