Адвокатката Наташа Бошкова посочува дека предложената одредба дека промена на род може да направи само лице што не е во брак, е спротивна на пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот „Лицето Х против Македонија“. Меѓутоа, ЕСЧП ја прифатил поради политичката клима во Македонија, но во иднина и ваквата бариера ќе треба да се отстрани
Секој граѓанин на Република Северна Македонија кој има наполнето 18 години, кој е деловно способен и кој не е во брак има право на правно признавање на родот во постапка уредена со овој закон, пишува во предлог-измените на Законот за матична евиденција што Владата ги повлече од собраниска процедура
Пратеничката и претседателка на ДОМ, Маја Морачанин, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат вечерва порача дека не се точни тврдењата оти со предлог-измените во Законот за матична евиденција со кои се уредува правната постапка за промена на родот на мала врата се протнуваат истополови бракови.
Предлог-законот, нагласи Морачанин, предвидува дека за да промените род треба или воопшто да не сте во брак или, пак, да се разведете, па да го направите тоа.

„Секогаш кога се отвора некоја тема врзана со ЛГБТИ луѓето, некако, фокусот е на темата за бракови и не знам веќе по кој пат објаснуваме дека бракот е регулиран во Законот за семејство и децидно стои дека бракот е заедница помеѓу маж и жена. И не знам веќе што понатаму да се објаснува. Исто така, во конкретните предлог-измени, компромисот што е направен со невладиниот сектор, е јасната одредба дека не е можна промена на родот на лице што е во брак“,
одговори Морачанин за забелешките за истополовите бракови кои доаѓаат од некои пратеници.
Владата неодамна ги повлече предлог-измените од собраниска процедура со објаснување дека е потребна интервенција во други одреди на Законот за матична евиденција.
Правната советничка на Коалицијата Маргини, адвокатката Наташа Бошкова, која беше дел од работната група во Министерството за правда за овие законски измени, посочува дека ваквата одредба – дека промена на родот може да направи само лице што не е во брак, е спротивна на пресудата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во случајот „Лицето Х против Македонија“.

„Но, одделението за извршување на пресуди на Европскиот суд вели – во ред, даваме позитивно мислење на ваквиот предлог закон, имајќи го предвид политичкиот и правниот контекст во Македонија сега. Но, во иднина и тоа ќе треба да се тргне како бариера“,
вели Бошкова која му е и адвокатка на лицето Х.
Овој дел за кој е направен компромис, во повлечените предлог-законски измени беше регулиран во членот 19-а каде, меѓу другото, пишува:
„Секој граѓанин на Република Северна Македонија кој има наполнето 18 години, кој е деловно способен и кој не е во брак има право на правно признавање на родот во постапка уредена со овој закон“.