Читањето на пораките е во рамки на изведувањето на материјалните докази на обвинителството, кое следува откако на минатото рочиште странките дадоа воведни зборови. По материјалните докази на обвинителството, ќе следуваат сведоци, а потоа и доказите и сведоците на одбраната
Обвинителката Ивана Трајчева попладнево продолжи да чита нови пораки, но од друг телефон, на рочиштето за случајот „Софтвери“ во кој се обвинети поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски и шест други лица, каде што тој се гони за злоупотреби при учество на тендери за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација.
Меѓу последните пораки што ги читаше обвинителката беа оние од телефонот на обвинетата Ирена Ивановска, преку апликацијата Вибер. И во нејзиниот телефон Рашковски бил запишан како „Перо 078“, а пораките што ги читаше Трајчева се во група во која се Ивановска, Рашковски и Даниел Станчев од „Инвока груп“, фирмата преку која Генералниот секретаријат на Владата го набавил софтверот за сообраќајни прекршоци. На почетокот на нивната комуникација, според презентираните пораки, обвинетиот Станчев пишува информација дека имало три понуди на тендерот и сите биле по „7 м.“ Покрај „Инвока“, другите две биле од фирмите „Лирекс“ и „Кинг“.
Понатаму, во пораките тие прашуваат кога е аукцијата, односно наддавањето, па зборувајќи на темата „Перо 078“ односно Рашковски им пишува на Станчев и Ивановска: „Гледајте да утнете и да се убијам“.
На 31 декември 2019 година, пак, тој им вели „аукцијата за сообраќајното ќе биде на 2 јануари”, како и дека „Инвока“ има 95 бода, „Лирекс“ – 90, а „Кинг“ – 85.
Тие, според тоа што го презентираше Обвинителството, пишуваат и на денот на аукцијата, па така Рашковски прашува дали се спремни, а Ивановска му одговара: „Да. Почнуваме во 10:30“.
Станчев, пак, во една од пораките вели „професорот ни е бекап за наддавањето“ и оти му дале корисничко име.
Според пораките што ги читаше Трајчева, може да се заклучи дека понатаму во дел од нив тие споделуваат информации колку се симнала цената, а Рашковски во една им пишува: „Терајте. До 4“.
Меѓу последните пораки што се испраќаат во групата, односно кои ги прочита обвинителката, е и таа во која обвинетата Ивановска пишува дека стигнале до 4,235 м. и завршиле.
„Ние?”, прашува „Перо 078“.
„Е, кој друг“, одговара Станчев.
Претходно, обвинителката Ивана Трајчева читаше и други пораки од Вибер комуникацијата помеѓу обвинетите, а Рашковски и во продолжението реагираше дека пораките се читаат од обичен ворд-документ, во кој може да се прават промени и манипулации и бараше да се види изворното вештачење. Трајчева, пак, кажа дека оригиналниот уесбе-стик е предаден со сите докази во судот, а документот кој го презентира го креирале во истражниот центар во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и во него се извадени пораките кои се важни за судскиот предмет.
Читањето на пораките е во рамки на изведувањето на материјалните докази на обвинителството, кое следува откако на минатото рочиште странките дадоа воведни зборови. По материјалните докази на обвинителството, ќе следуваат сведоци, а потоа и доказите и сведоците на одбраната.
Обвинението во случајот „Софтвери“ опфаќа набавки околу два софтвери – за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација кои според обвинителството никој не ги барал и не ги користел. Исто така тоа опфаќа и исплата на хонорари од коишто, според обвинителството, ексгенералниот секретар дел зел за себе. Рашковски се гони за злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари. Со него обвинети сè уште шест лица: Ивица Димитровски, Игор Христов, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјановска.
Случајот за Рашковски го отвори „360 степени“ откако во март лани објавивме дека Генералниот секретаријат на Владата додека со него раководеше Рашковски купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ни една институција ниту го барала ниту го користи, како и дека пред да го купи како генерален секретар на Владата, тој лично развил таков софтвер за сообраќајни казни и го патентирал.
Рашковски тврдеше дека софтверот треба да биде дел од т.н. „Сејф сити“, но единствената институција со право да казнува, Министерството за внатрешни работи, брзо ја урна тезата на Рашковски со ставот дека ниту барале ниту планираат да го користат софтверот за кој никој не ги прашал.
Набргу потоа Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предистрага, а потоа и истрага. Во истрагата беа споени и други предмети, а на 8 октомври лани беше поднесено обвинение. Кривичен го прифати во целост обвинението на 29 декември 2021.