Првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, беше меѓу првите политичари од земјава што се среќаваа со Олбрајт. На листата се и повеќемина други
Целосна трагедија е што Бугарите поради домашни причини истакнаа такви барања, е еден од последните коментари што ги даде Олбрајт на теми поврзани со земјава, коментирајќи го ветото од Бугарија за почеток на преговорите со ЕУ

На чело на Стејт департментот доаѓа како 64. државен секретар на САД, а како прва жена на оваа функција. Ова е само еден од многу податоци во богатата биографија на Медлин Олбрајт, која денеска почина на 84-годишна возраст од рак.
Важеше за врвен дипломат и централна фигура во администрацијата на поранешниот американски претседател Бил Клинтон, служејќи прво како амбасадорка на САД во Обединетите нации, а потоа и како државна секретарка во периодот од 1996 до 2000 година.
Олбрајт не ѝ е непозната на македонската јавност. Присутна е со нејзините изјави и средби со нашите политичари уште од 90-тите години на минатиот век, па сè до пред неколку месеци.
„Мислам дека е целосна трагедија тоа што после долгото време потрошено на решавање на прашањето за името со Грците, Бугарите, поради домашни причини, истакнаа такви барања за Северна Македонија. Затоа, треба да се постави прашањето како Бугарија ги исполнува своите обврски кон ЕУ“,
рече Медлин Олбрајт во декември 2020 година пред Комитетот за надворешни работи при Претставничкиот дом на американскиот Конгрес.
На тогаш новата администрација на Џо Бајден и Камала Харис, Олбрајт ѝ порача дека треба да соработува со Брисел за земјите аспиранти за ЕУ да не останат во чекалната поради своите соседи.
„Идната администрација на САД треба да го поддржи демократскиот развој на Западен Балкан. Се надевам дека тие ќе имаат партнер во администрацијата на Бајден. Тој беше ангажиран на Балканот за да се стави крај на конфликтот. Тимот што го предложи е многу професионален и може да им помогне на земјите да го зачуваат мирот“,
рече Олбрајт.
Подоцна, во август 2021 г., поранешната државна секретарка на САД повторно ја спомена земјава, но овојпат за да ѝ се заблагодари за прифаќањето бегалци од Авганистан кога Талибанците ја преземаа власта.
„Благодарна сум им на Албанија, Канада, Косово и Северна Македонија што им понудија засолниште на авганистанските сојузници, особено на жените и цивилните лидери“,
напиша Олбрајт.
We must focus on saving lives in Afghanistan. As the US works to evacuate those at special risk from the Taliban, I am grateful to Albania, Canada, Kosovo and North Macedonia for offering refuge to Afghan allies, esp women & civil society leaders. I hope & expect others to follow
— Madeleine Albright (@madeleine) August 15, 2021
Поздрави до Скопје таа испрати и еден месец потоа кога во својот дом во Џорџтаун се сретна со тогашната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.

„Медлин Олбрајт не е само жива легенда на американската политика туку и гласен адвокат за демократијата и човековите прави“, напиша Шекеринска по средбата со поранешната државна секретарка на САД, од каде и порача:

„Ме замоли да пренесам благодарност во Скопје за прифаќањето на евакуираните граѓани од Авганистан кои работеа за невладини организации од САД. Нејзиниот дом го напуштив со силни импресии и со чувство на почестеност што разговарав со важна фигура од врвот на светската дипломатија, чии збор сè уште одекнува и тежи“.
Во архивата на средби со македонски политичари, е и онаа од 2017 г. со тогашниот шеф на дипломатијата Никола Димитров.

„Инспиративен и исклучително пријателски состанок“,
напиша Димитров по разговорот со неа во ноември 2017 година.
Во медиумските написи лесно може да се пронајдат и нејзините изјави со загриженост за настаните во кумановското Диво Насеље во мај 2015 година.
„Прашањето за името сега како да е најмал проблем, сите и онака го користат името Македонија. Во текот на викендот имаше настани кои беа многу загрижувачки. Тие укажуваат на екстремистички активности, на етнички поделби. Треба да видиме на кој начин Косово е поврзано, да видиме што прави Грција. Мислам дека спорот за името не е најважно прашање во моментов“,
рече Олбрајт по вооружената престрелка на 9 и 10 мај во Куманово.
Во тогашниот јавен настап во Вашингтон, таа се осврна и на историјата за спорот со името со Грција, опишувајќи ги како бизарни некои процедури низ кои морало да се помине во Обединетите нации, каде таа беше амбасадорка, за да се организира посета на македонските политичари, на што грчките дипломати интензивно се спротивставувале.
Меѓу ситуациите што ги опиша е и тоа дека имало предлози да се офарбаат јарболите за знамиња, само за да се избегне прашањето околу тоа кое знаме ќе се вее при посетата на поранешниот македонски претседател Киро Глигоров.
„Тоа беше една од најлудите меѓународни дискусии на сите времиња“,
зборуваше Олбрајт за „лудоста на спорот за името“.
Таа со Глигоров се сретна и во Скопје во мај 1996 г. кога како американска амбасадорка во ОН дојде во посета по повод отворањето на американската амбасада во земјава.

Олбрајт е добро позната и за јавноста во поранешните југословенски републики. Како што потсетуваат медиумите, едни од нејзините најзапазени напори беа во врска со ситуацијата на Балканот по распадот на Југославија. Таа беше на функцијата државна секретарка на САД за време на НАТО бомбардирањето на СР Југославија и важи за личност која имала клучна улога за ваква интервенција, која беше образложена со тоа да се спречи Слободан Милошевиќ да изврши геноцид над муслиманското население во Косово, како што во 1995 г. изврши во Сребреница.
Околу ова пишува и поранешниот премиер Љупчо Георгиевски, потсетуваа медиумите во регионот.
Поранешниот македонски премиер и во автобиографската книга потврдува дека во 1999 година бил поканет во Белата куќа каде што тогашната американска државна секретарка Медлин Олбрајт побарала дозвола од Македонија од нејзина територија копнените сили на НАТО да ја нападнат Србија. Георгиевски вели дека се согласил на ова барање, но потсетува дека тоа сценарио на САД и НАТО не било спроведено, пишуваше „Вечерње новости“.
Таа во јуни 1999 повторно допатува во Скопје. На аеродромот ја пречека тогашниот шеф на дипломатијата, Александар Димитров.

За време на еднодневната посета се сретна и со претседателот Киро Глигоров, а го посети и бегалскиот камп Стенковец каде се фотографираше со децата бегалци од Косово.



Архивите паметат дека Олбрајт повторно беше во Скопје во јули 2005 г. како претседателка на Националниот демократски институт (НДИ). За време на таа посета, имаше средба и со тогашниот премиер Владо Бучковски.
