Набиулина важи за личност која изминатите две децении имаше тесна соработка со Путин. Минатата недела беше предложена за нов мандат во кој ќе треба да се справува со воената ситуација во која вредноста на рубљата паѓа, економијата е изолирана и погодена од меѓународните санкции во рамки на кои повеќе од половина од резервите на Централната банка се замрзнати, а голем број инвеститори и странски компании ја напуштаат Русија

Гувернерката на руската Централна банка, Елвира Набиулина, се обидела да даде оставка по инвазијата што нејзината земја ја започна врз Украина, но рускиот претседател Владимир Путин ѝ рекол да остане на позицијата, објави Блумберг повикувајќи се на четири лица кои знаеле за дискусиите помеѓу гувернерката и Путин.
56-годишната Набиулина минатата недела беше номинирана за нов петгодишен мандат во кој таа ќе треба да се справува со економските последици што нејзината земја ги трпи поради војната во Украина, а поради која изминатиот месец како кула од карти се сруши голем дел од тоа што гувернерката го постигна досега како прв човек на руското банкарство.
Изворите на Блумберг рекле дека доколку таа се повлече тоа би се сметало за предавство кон Путин со кого гувернерката имаше тесна соработка речиси две децении.
Ниту Набиулина ниту портпаролите на Централната банка, како и на Кремљ не одговориле на барањата за коментар од Блумберг.
Високоценетата гувернерка, пишува медиумот, претходно добиваше пофалби од стручната фела, како што се публикациите на „Еуромани“ и „Банкар“, каде беше нарекувана како еден од најдобрите светски креатори на монетарната политика. Меѓутоа, таа сега треба да се справува со воената ситуација во која вредноста на рубљата паѓа, економијата е изолирана и погодена од меѓународните санкции во рамки на кои повеќе од половина од резервите на Централната банка се замрзнати, а голем број инвеститори и странски компании ја напуштаат Русија.
Од досегашните мерки кои ги презеде како гувернерка за одговор на кризата, беа повеќе од двојно зголемување на референтната каматна стапка од 9,5 на 20 отсто и воведување строги контроли на капиталот за да се спречи одливот на готовина од Русија.