Руската агресија досега принуди повеќе од три и пол милиони Украинци, што е еднакво на две Македонии, да ја напуштат татковината и прибежиште да побараат во други држави, главно соседните. Од почетокот на инвазијата во Северна Македонија влегле околу две илјади украински државјани, а околу илјада и четиристотини излегле. Разликата од околу 550 може да се претпоставува дека се Украинци кои останале кај роднини или пријатели овде.
Дел од нив сретнавме и ние, во просториите на Црвениот крст во „Даре Џамбаз“ и на пунктот за хуманитарна помош на Здружението „Лесја Украинка“ на централниот плоштад во Скопје. Како Владата се подготвува за прием на евентуален бран бегалци, го прашавме владиниот портпарол Муамет Хоџа. Погледнете го видеото
Прво во полиција, па во Црвен крст. Мирјана Стојановска ги пријавува пријателките од Украина, кои, заедно со три децам прибежиште од војната нашле во нејзиниот дом во Скопје. Во евиденцијата на Црвениот крст влегоа нивните лични податоци, образованието, здравствената состојба и слично. Во име на приватноста, ги оставивме да ја завршат процедурата, која не траеше повеќе од дваесетина минути.
„Тие се од Киев, колку ќе останат не знам. Пријатели, другари сме. Ние работевме таму некое време и така ги знаеме“,
вели Стојановска.

Одлуката да се напушти родното место, Наталија и Јулија не ја донеле лесно.
„Стрес. Стресно е. И тешко е далеку од својата земја, сите мои роднинисе во Украина, мажот ми е во Украина.
360°: Колку планирате да останете?
Додека не заврши војната“,
вели Наталија Тихоњук.

Јулија, пак, не собра сили да зборува пред камера.

Просториите на Црвениот крст во дневниот центар „Даре Џамбаз“ во Скопје се отворени секој работен ден од 8 до 16 часот. Овде Украинците – бегалци од војната, прво добиваат топло добредојде, особено најмалите, а потоа им се пружа и конкретна првична помош.

„Сите оние коишто ќе дојдат во Црвениот крст добиваат картонче за регистрација. Со ова картонче се следи понатаму нивната поддршка во делот на хуманитарната помош. Секое семејство добива пакет со храна, хигиена, добива ваучер за обувки и ваучер за облека, сами го бираат они тоа во сите оние продавници со кои Црвениот крст има склучено договор“,
вели Сузана Тунева Пауновска – секретар на Црвениот крст на Град Скопје.

Вообичаено, за пријавување доаѓа домаќинот со претставник на групата, доколку се работи за повеќе лица. Во регистарот на Црвениот крст досега влегле шеесетина Украинци од трета доба, жени и малолетници. Мажи нема, оти ним им е забрането да ја напуштаат Украина.
„Првичниот контакт е да се задоволат основните потреби на тие луѓе, за тие да се чувствуваат безбедно и сигурно. А потоа, секако, секојдневието си носи дополнителни барања, дополнителни потреби. Ние сето тоа ќе го правиме во дослух со државата, со Министерството за труд и социјална политика, значи кога се работи за образование, за градинка, секако и за лекување, така што, на време ќе бидат информирани, ние ги имаме контактите од нивните домаќини и Црвениот крст навистина ќе се стави во комплетна поддршка на овие лица додека престојуваат во државата“,
додава Тунева Пауновска.
Доколку кризата потрае и се продлабочи, Црвениот крст размислува и за дополнителна реорганизација што ќе значи поддршка на семејствата кои се отвориле за бегалци од Украина.
За некои Украинци среќа во несреќа е што имаат блиски овде. И на ова младо момче војната му го сруши сонот. Наместо да се запише на факултет, мораше да се евакуира кај роднините во Скопје.
„Се викам Димитриј, јас сум од градот Днипро и имам 17 години.Патував три дена од Днипро до Чернивци со автомобил на семејство – наши пријатели од Харков. После патував со камион од Романија, оттаму со истиот камион до Будимпешта, а после со друг камион оттаму до Скопје, преку Србија“,
раскажа Димитриј за „360 степени“.

Димитриј уште се опоравува од сознанието дека родната земја му е претворена во воена зона.
„Додека патував низ Украина, се надевав дека нема да нè бомбардираат и тој страв траеше до граница. Веќе кога ја преминав границата, ми помина стравот и патував со позитивни мисли“,
вели тој.
Младиот Украинец не заборавил што оставил зад себе. Веднаш се приклучил на активностите на украинското здружение во земјава „Лесја Украинка“, кое собира хуманитарна помош за оние што останале во татковината.

Како да селектира хуманитарната помош на пунктот на плоштадот, Димитриј го советува неговата сестра Татјана, која десет години живее во Скопје со сопругот и децата.
„Нашите луѓе се такви, вредни, не можат да седат и само да плачат, сакаат нешто и од себе да помогнат. Истотака и да не се чувствуваат виновни за тие што се останати таму во опасност. Тука не можат така да седат, работат што можат, доаѓаат тука како мојот брат да пружат помош“,
изјави Татјана Урбанович, Украинка која десет години живее во Скопје.

Граѓаните, пак, оставаат симболична сума и ретко застануваат пред камера, но, свесни се за човечката должност да покажат солидарност.
„Јас, не само што препорачувам на сите колку што можеме да помогнеме, туку јас лично сум спремен да ја отстапам својата викендичка, за ако има бегалци да ги прифатам, да ги примам“,
вели Љубиша Пајмаковски, жител на Скопје.

„Нашата врата мора да биде отворена, не затоа што треба да очекуваме и ние да се најдеме во таква ситуација, но, мислам нашата културолошка, социјална вертикала, баш (на тоа) се однесува. Зборувам за македонскиот народ, он е широкоград, сака да помогне секаде кадешто има неволја“,
вели граѓанин.

Некои, пак, се сомневаат во нашиот капацитет.
„Не знам. Има појаки земји. Кој, нашата? Нема шанси Македонија. Како, како, ајде, кога народот македонски како живее?“,
прокоментира една граѓанка.

Според податоците на нашата полиција, од почетокот на војната во Украина досега во Македонија е евидентиран влез на 1 924 украински државјани. Во истиот период од државата излегле вкупно 1 365 Украинци. Разликата од околу 550 лица кои се уште не ја напуштиле Македонија се смета дека се луѓе што овде нашле засолниште, но во приватен аранжман.

Владата веќе задолжи неколку ресори за да ги проверат државните капацитети – колку бегалци би можеле да примиме и каде би биле сместени. Се уште никој официјално нема побарано статус на бегалец, а тоа е основа за државата да помогне.
„По барањето статус на бегалец од страна на државјанин на Украина, тој ќе добие државна грижа, а државните институции дополнително ќе се грижат за украинските граѓани, односно бегалците во случај на пристигнување во нашата земја. Во таа насока би сакал да истакнам дека Владата на Република Северна Македонија континуирано ја следи состојбата околу кризата во Украина, што се однесуваа на бегалците. Владата на Република Северна Македонија на последната седница го задолжи Министерството за финансии да се обезбеди 120 милиони денари за Службата за општи и заеднички работи, за да се гарантира обезбедување на други сместувачки капацитети во случај појава на бегалци кај нас“,
вели Муамед Хоџа – портпарол на Владата на РСМ.

И додека сме во исчекување на евентуален бран бегалци од Украина, секогаш е добредојдена помош за оние што останале во татковината во пламен. Една опција е пунктот за хуманитарна помош за Украина на скопскиот централен плоштад, кој ќе биде поставен таму најмалку до 23 март.
Пунктот на Здружението „Лесја Украинка“ работи секој ден, од 8 часот наутро, до 20 часот навечер, вклучително и за викендите.


Освен на овој пункт, поголем дел од собраната помош се складира во магацинот на здружението на Украинци во Ѓорче Петров, од каде деновиве ќе замине седмиот по ред камион со хуманитарна помош за Украина.


Помош се собира и на телефонскиот број на Црвениот крст, a отворена е и банкарска сметка. Парите ќе се доставувата на сметка на нивната украинска единица. Ако нема прекин на огнот, и единствен излез е напуштање на земјата, без оглед на се, уверувањата од Северна Македонија се дека Украинците се добредојдени и тука.
„Секој што ќе дојде на наша граница, ќе биде примен и ќе биде згрижен“,
порача министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Сепак, колку Украинци ќе бидат принудени да заминат од дома, зависи од некој друг.
„Јасно е дека ќе има повеќе бегалци ако ситуацијата се влошува. Се зависи од Путински режим“,
изјави минатата недела, амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Наталија Задорожњук.