Проверивме во каква состојба се дел од скривниците во Скопје – под згради, како на пример во Градски ѕид, но и на јавни површини. Не дека војната е на врата, туку зашто ако треба да се користaт ќе биде доцна да се прашува зошто се такви – какви што се и кој е одговорен за тоа
Се обративме до Владата со прашања: со колку јавни засолништа располага државата, колку се подготвени за евакуација на население и дали се планираат систематски активности за враќање на нивната функционалност. Единствениот одговор оттаму е дека во надлежност на Дирекцијата за заштита и спасување се 100 засолништа од кои 12 се на територијата на Скопје. Велат дека Дирекцијата работи според план за реновирање и досега подновиле пет засолништа во главниот град и три во Велес. Каде точно се наоѓаат, одговор не добивме
Градски ѕид e симбол на скопското централно подрачје, но ретко кој знае дека под кулите и блоковите има скривници, чија намена е заштита на станарите при непогода или војна.
„360°: Кога последен пат сте биле внатре?
Во скривница?
360°: Да.
А, не помнам да ти кажам. Не помнам. Не сум имал потреба.
360°: Не сте ни ѕирнале во каква состојба е?
Порано, кога имаше вода, ѕиркавме до каде е, дали е истечена, сега не сме ѕирнале воопшто“,
вели Ангел Иванов, жител на Градски ѕид – Скопје.
Гајбите со празни шишиња се патека по која станарите се обидувале да газат по суво при дамнешна поплава, за да проверат колкава е штетата во просторијата. Скривницата има неколку соби со бетонски прегради и делови што наликуваат на тоалети. Таа е изградена некаде 75-76 година, целата е со шут, со пајажини, затворени се и системите за вентилација, а според кажувањата на станарите тука би можеле да се евакуираат околу стотина граѓани. Дека не се води сметка за скривницата, сведочи и Ангел Иванов, кој 45 години живее во еден од становите над неа.
„360°: Кој е задолжен за ова да се одржува?
Никој не е задолжен, додека била територијална одбрана, доаѓаа така, комисии, гледаа каква е состојбата, после веќе…
360°: Последниве години дошол некој?
Не, не. Не дошле со години и години…
360°: А, управителот на зградава, на пример?
Па, ние само го затвораме бидејќи едно време влегуваа некои бездомници, се пикаа ваму-таму, сега се трудиме да го нема и тоа“,
вели Иванов.
Разгледувајќи го просторот, видовме и светлина. Овој отворен круг е единственото место од каде што влегува воздух и по некој зрак. Видлив е и од надворешниот дел на блокот. Скривницата е сосема независна од другите делови од зградата.
„Овие се за влез во скривници или за излез, на сите гледате на три места има, исто има и позади. Ете, гледате таму е украден капакот, на оваа, на овој влез и можел секој да влезе кога сака. Многу е жалосно, ама, нема, 40 луѓе, 40 станови, 40 различни мислења… тоа е“,
додаде Иванов.









Се обидовме да дознаеме и дали нешто дополнително се крие во подземјето на блоковите. На влезот подолу наидовме на Самоил Филиповски, адвокат и поранешен амбасадор, кој е управител на една од зградите.
„Гледате како се градело тогаш, со сите стандарди.
360°: Да. Се мислело на сè
На сè. Ова се подземните простории, каде што се наоѓа скривницата во Градски ѕид. На ‘Партизански одреди’ бр. 4. Еве ја вратата од скривницата.“,
раскажуваше Филиповски додека се симнувавме во скривницата.
Оваа скривница е посочувана. Прво, наидовме на соби за спиење со железни трикатни кревети. И простории за туширање.
„Па има ходник, па има посебна просторија за укажување прва помош, дури јас мислам дека овде некаде има и мртвачница, посебна соба“,
покажа Филиповски.
За разлика од претходната, оваа скривница е со потесни ходници.
„Е сега, овде има просторија за филтрирање на воздухот, дали е исправно тоа, јас не знам. А, овој дел, пак, овој посебен дел е ходник, ако случајно дојде до рушење на зградата, оттука се излегува на она место надвор каде што бевте вие, на плочникот“,
објаснуваше управителот.
Најдовме два излези на скривницата, од кои едниот беше уредно означен. Кога проверивме каде водат, наидовме на метални отвори кои не успеавме да ги отвориме.
„Еве, и електрична инсталација е тоа, независен систем на напојување, независен во однос на другиот дел од зградата.
360°: Знае некој да управува тоа?
Не, не, не“,
додаде Филиповски.
Прошетката низ скривницата траеше петнаесетина минути.
„Значи, независно од влезот на зградата, од скривницата имате помошен излез овде“,
кажа Филиповски и замина дома, во стан над скривницата.









А, ние прашавме колку се запознаени со подземјето и други жители на блокот.
„Зарем има некаде скривници низ Скопје? Од кого ќе се криеме?“,
„На нас, станарите, не е да одржуваме скривници“,
„Во мир се мисли на она што може да се случи. Што да ви кажам.“,
„Скривници, нормално и денеска ако побарате дозвола за градба ви бараат да имате скривница. Целта на скривницата е се знае, најчесто војна, а овие се подготвени, мислам дека и за атомска заштита“,
ни одговорија граѓаните што ги анкетиравме.

Засолништата се урбанистичко-технички мерки за заштита за населението, кои не само што се дел од деталните урбанистички планови туку за нив порано се плаќала и јавна давачка. „360 степени“ дојде до документ на жител на Карпош. За изградба на куќа, во 1979 година, меѓу другите такси има и ставка – уплата за скривалишта. Нашата блиц-проверка покажа дека во новите згради нема скривници.
Освен под старите згради, на територијата на Скопје има и јавни засолништа, како на пример, овие под ридот во Гази Баба. Овде сами проверивме како изгледа внатрешноста. Вратите се отворени, но тешко се влегува од отпад. Низ краток бетонски тунел, наидовме на мала просторија.
Личи како да живее некој тука.
И овде има мали отвори што водат кон други простории. Скривниците во Гази Баба се претворени во депонии.
Жителите што ги сретнавме попатно сведочат дека објектите некогаш биле употребливи.
„Изградени се во 1941 година. Се криеле овде свекрва ми, свекор ми, сите се криеле овде“,
„Никогаш не биле во ваква состојба, искршија и врати, ние сме влегувале тука како помали, тука имаше кревети, имаше хемиски тоалети“,
велат граѓаните што ги анкетиравме.






Друг, добро познат пример, се таканаречените скривници на Скопското кале. На видно место, од улица, избројавме дваесетина влеза, од кои само еден имаше врата. Медиумите јавуваа за скривници и низ Тетово, Прилеп, Битола, од кои некои завршуваат и на интернет за продажба.

За разлика од кај нас, засолништата во регионот, како на пример во Хрватска и Бугарија, се во далеку подобра „кондиција“.


Скривниците се во надлежност на Дирекцијата за заштита и спасување, која има обврска да ги одржува, но директорот Беким Максути не сакаше да сподели никакви информации со нас. Затоа се обративме до Владата со прашања: со колку јавни засолништа располага државата, колку се подготвени за евакуација на население и дали се планираат систематски активности за враќање на нивната функционалност. Единствениот одговор оттаму е дека во надлежност на Дирекцијата се 100 засолништа од кои 12 се на територијата на Скопје. Велат дека Дирекцијата работи според план за реновирање и досега подновиле пет скривници во главниот град и три во Велес. Каде точно се наоѓаат, одговор не добивме.
Важноста на засолништа сега се покажува „на дело“ во Украина.


Украинците се кријат во засолништата штом сирените ќе предупредат дека има опасност од напад.

Имаме и таков систем, за рано предупредување и тревога. За него е надлежен Центарот за управување со кризи, но и тој не е во функција.
„Најпрво би сакал да ги смирам граѓаните, да им кажам да не се грижат. Далеку е Македонија од војна. Ние на територијата на државата имаме околу 200 сирени, повеќето се стари, датираат некаде од седумдесеттите, осумдесеттите години на минатиот век, значи од времето на Југославија. Најголем дел од нив се функционални, работат, но, за жал, не може да ги користиме бидејќи не се врзани во систем и не можат да се командуваат од еден центар“,
вели Ангелов.


Затоа, Ангелов официјално од лани бара Владата да инвестира во системот за тревожење.
„Рокот што е планиран е март оваа година, значи ни останува уште малку време, верувам дека состојбата ќе биде подобрена. Но, би сакал да укажам дека модерното време носи и модерни начини на тревожење на граѓаните. Истото ова може да се направи и преку телевизии и радија, но и преку мобилните телефони, предупредување до граѓаните и давање насоки како да постапат“,
тврди Ангелов.
Македонија можеби е далеку од војна, но тоа не е оправдување за она што е наследено да не се сочува.