Еден од најпознатите и највлијателни светски мислители од областа на политичките науки и филозофијата деновиве беше во Скопје. Причината за посетата беше IV Регионална лидерска академија за развој на Западен Балкан. Френсис Фукујама, во моментов, е професор на Универзитетот Стенфорд во САД, покрај неколкуте други ангажмани
Фукујама е автор на делото „Крајот на историјата и последниот човек“ во кое тој ја брани својата теза развиена при крајот на 80-ите години на минатиот век. Американскиот филозоф, надоврзувајќи се на тезите на германскиот мислител Хегел, тврди дека човекот стигнал до најдоброто општествено уредување кое може да го измисли, а тоа е либералната демократија. Тезата на Фукујама се појавува непосредно пред распадот на СССР и неговата политичка доктрина чии застапници тврдеа дека комунизмот е последниот и најдобар политички систем
360°: Френсис Фукујама можеби не е име кое е познато меѓу општата јавност. Но, секој интелектуалец, секој пристоен политичар, секој студент по филозофија, право или политички науки треба да знае дека станува збор за еден од највлијателните мислители на современата политичка наука и филозофија.
Г. Фукујама, додека зборуваме, не многу далеку од нас има голем конфликт во Украина. Моето прво прашање е во врска токму со војната во Украина. Какво е вашето мислење, вашиот поглед на инвазијата на Украина од страна на Русија и последиците што ќе произлезат од овој чекор?

„Мислам дека војната, всушност, ја почна еден човек – Владимир Путин, и дека целта му е онаа што ја изложи во напис објавен минатото лето и во говорот што го даде пред да почне војната. Од тоа е јасно дека станува збор за многу повеќе од само Украина. Луѓето зборуваа за неговиот страв од членството на Украина во НАТО, но мислам дека во неговиот ум е всушност целото наследство на периодот по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година и кога сите различни земји во Источна Европа и поранешниот Советски Сојуз станаа независни суверени држави. Тој мисли дека тоа е голема трагедија, особено распадот на СССР, и мислам дека сака повторно да ја состави таа слика, колку што е можно, и дека Украина е само првата точка. Тоа е најважниот камен-темелник, но мислам дека неговата амбиција нема да заврши тука.“
360°: Значи, вашето предвидување е дека војната ќе се прошири надвор од границите на Украина?
„Па, не. Мислам дека тоа зависи од исходот од борбите што се случуваат сега. Мислам дека Путин направи голема грешка. Тој мислеше дека ќе биде дочекан како ослободител, дека украинската војска ќе се распадне многу бргу, дека Украинците ќе преминат на негова страна и дека војната ќе заврши за 48 часа. Наместо тоа, тој се „закопа“ пред Киев. Реално, тој нема доволно сили за да контролира држава од 40 милиони луѓе, кои сега се силно обединетите, многу лути и сакаат да се спротивставуваат до крај. Така што не мислам дека е извесно дека ќе ја исполни својата поголема цел. Но, во меѓувреме, ќе ѝ направи огромна штета на Украина. Ќе ја уништи физичката инфраструктура и ќе убие многу луѓе.“
360°: Не сакам да ве вовлекувам во споредби, но факт е дека руската инвазија на Украина не е единствената инвазија на независна држава во последниве две или три децении. Но, сега осудата кон напаѓачот е многу посилна, обединета, па дури и невидена. Зошто?
„Мислам дека, пред сè, самиот акт беше многу шокантен. Знаете, Европејците и Американците немаат видено ваква војна во нивна близна уште од 1945 година. Имаше војна во Југославија во 90-тите години, но во одредена смисла ова е многу поголем настан и мислам дека го наруши самозодоволството што тие го чувствуваа околу нивниот мир и безбедност. Така што тоа е една причина. Друга причина е добрата дипломатија. Мислам дека има голем напор од страна на администрацијата на Бајден која сака да се осигури дека Алијансата, НАТО, ќе зборува во еден глас. Има многу напори зад сцената за Германија да го смени својот став и тоа веројатно е најголемото нешто што произлезе од овој конфликт, Германија да ја смени својата надворешна политика. Во еден момент тие беа најголемите пријатели на Русија во НАТО, а сега најавија удвојување на нивниот буџет за одбрана и се подготвени да праќаат оружје во Украина, што е навистина пресврт во 40-годишната надворешна политика на Германија.“
360°: Дали она што го гледаме е можеби почеток на нов светски поредок или нешто што барем наликува на нова идеолошка поделба во светот?
„Има поделба, но е многу помалку изразена споредено со Студената војна бидејќи нема две идеологии што се натпреваруваат. Има либерална демократија и група споделени вредности на Западот, но опонентите се хетерогени групи. Некои се десно ориентирани, некои се леви, единственото нешто што им е заедничко е тоа што не ја сакаат идејата за либерална демократија. Така, Кина и Венецуела реално немаат ништо заедничко. Тие две земји немаат и многу заедничко со Турција, но тие, знаете, работат заедно на одреден начин. Затоа, различно е од Студената војна. Тоа не е системската идеологија што ѝ се спротивставува на демократијата туку повеќе е список на сили кои го наоѓаат својот национален интерес во спротивноста со Западот.“
360°: Вашата позиција е дека либералната демократија е најдобра во разрешувањето на главните контрадикторности кои се појавуваат во едно општество. Зошто тоа не успеа или барем не успева засега во Русија и во некои други земји?
„Па, има многу историско наследство кое стои на патот на создавање либерално општество. Знаете, имате политичко наследство на централизација. Русија нема искусено вистинска демократија во речиси целата своја историја. И тоа е важно. Искрено, малку е тешко да се има либерална демократија и на Балканот бидејќи идентитетските политики се толку моќни овде. Знаете, во либерална демократија вие имате аспирација да ги третирате луѓето како индивидуи, а не како членови на идентитетски групи. Мислам дека таквиот начин на размислување е длабоко вкоренет во овој дел од светот и затоа е многу тешко да се креираат национални идентитети кои се многу инклузивни. Затоа, сè ова е причина зошто либералната демократија не функционира добро во одредени делови на светот.“
360°: Северна Македонија е земја со голема дијаспора која, пак, речиси ексклузивно живее на Запад. Но потоа доаѓа како парадокс што релативно голема група луѓе тука изразуваат поддршка кон Путин и неговите акции во Украина, кон еден очигледно авторитарен систем. Па, како е возможно да имате сон да живеете во капиталистичко либерално општество, а во исто време да имате симпатии кон некој кој е автократ?
„Мислам дека дел од тоа е еден вид илузија. Мислам, фактот дека луѓето не се обидуваат да заминат од Северна Македонија и да се преселат во Москва на некој начин покажува дека на одредено ниво тие сфаќаат дека тоа не е супериорно општество каде што тие би сакале да живеат. Тие одат во Берлин или во Лондон или на други места. И тоа на некој начин покажува дека тоа што всушност го прават е проектирање на одредени надежи или стравови врз тие земји, што нема врска со реалноста. Тоа се повеќе стојалишта, дека ако го поддржувате Путин вие заземате одреден став во своето општество, но тоа не значи „во превод“ и дека се залагате за одреден начин на живот.“
Академијата на која присуствуваше Фукујама ја организираше Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во партнерство со Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ.