Во Белгија престанува да важи обврската за носење маска на јавни места, вклучително и во продавници и во училишта, со исклучок на здравствени установи и јавен транспорт, а се укинува и задолжителното носење маска, освен за местата каде што не може да се држи безбедна физичка дистанца
Две години по прогласувањето вонредна состојба поради коронавирусот, Белгија ги укинува речиси сите епидемиолошки мерки, вклучувајќи ја и обврската за носење маска и поседување ковид-сертификат.
Со оваа одлука, во Белгија престанува да важи обврската да се носи маска на јавни места, вклучително и во продавници и во училишта, со исклучок во здравствени установи и во јавен транспорт.
Белгиските власти нагласија дека иако обврската за носење маска е укината, сепак се препорачува за места каде што не може да се држи безбедна дистанца.
Престанува и употребата на ковид-сертификати, како доказ за вакцинација, или негативен тест, што беа неопходни за влез во сите угостителски и спортски објекти, како и во институции од областа на културата. Освен тоа, повеќе нема ниту ограничено време за работа на угостителските објекти, а повторно се дозволени максималните капацитети на театри, кина и концертни сали.
Белгија ги олесни и рестрикциите за патувања, па од 11 март, во земјата ќе може да се влезе без задолжителен сертификат за патување, со целосна вакцинација. Ковид-потврдата сепак останува задолжителна за сите лица кои во Белгија доаѓаат од трети земји, што не се на листата на ЕУ како епидемиолошки безбедни.
Забраната за влез во земјата, пак, останува на сила за несуштинско патување на државјани од трети земји, кои немаат потврда за вакцинација, или за прележан ковид. Таа важи и за патниците од високо ризични земји, каде има појава на новата варијанта на вирусот.
Укинувањето на антиковид-мерките во Белгија доаѓа по значајното подобрување на епидемиолошката состојба во земјата.