За да се примени концептот „Отворен Балкан“, смета дека е неопходно секој да го прифати како свој, а не како наметнат, вели првиот човек на Стопанската комора
Претседателот на Стопанската комора и копретседавач на Коморскиот инвестициски форум, Бранко Азески, предупредува дека влегуваме во неизвесност која е катастрофална за бизнисот, а компаниите во овој момент се наоѓаат во многу тешка позиција бидејќи ваквите неизвесности се „смрт“ за инвестициските активности и за нивниот развој.
Тој ваквиот став го соопшти на Бизнис-форумот во Копаоник, во рамки на 10. панел насловен „Регионалната соработка како предуслов за одржлив раст“.

Азески укажа дека пред регионалното економско обединување сѐ уште има многу неодговорени прашања и дилеми на кои земјите од Западен Балкан треба да работат. За да се примени концептот „Отворен Балкан“, смета дека е неопходно секој да го прифати како свој, а не како наметнат.
Колку заостануваме зад другите, што подразбираме под регионална соработка, дали различните статуси што ги имаат државите на Западен Балкан можат да ги попречуваат процесите (СТО, НАТО, ЕУ), каква е улогата на државите во однос на заедничката инфраструктура, заедничкото железничко поврзување, заедничкото снабдување со гас, која е крајната цел – дали создавање некаква царинска унија, дали за странските директни инвестиции ќе изградиме заедничка политика и дали некој ни пречи на тој пат како бизнис, се само некои од отворените прашања, кои, според Азески, го оптоваруваат регионалното економско обединување.
„Ако на овие отворени прашања, за кои сѐ уште постои потреба од дебати, разговори, усогласување ставови и политики меѓу државите, им се додадат и економските случувања во светот (пандемијата која резултираше со економска, финансиска и енергетската криза), како и последните случувања во Украина за чиј исход засега никој не го знае одговорот), влегуваме во неизвесност која е катастрофална за бизнисот. Компаниите во овој момент се наоѓаат во многу тешка позиција, бидејќи ваквите неизвесности се смрт за инвестициските активности и за нивниот развој“,
порача претседателот на Комората.
Форумот ќе трае четири дена и е организиран од Алијансата на економисти на Србија, под слоганот „Србија 2030: агенда за одржлив развој“. Ќе се одржат вкупно 33 панели со 200 панелисти и со осум пленарни говори, на кои ќе се дебатира за тековни и стратегиски теми битни за економскиот развој на Западен Балкан и за поствизијата на новата нормалност.