Според пресметките на Сојузот на синдикати, за исхрана и пијалаци одат 15 440 денари, а за домување се неопходни 11 511 денари
Минималната синдикална кошничка за февруари изнесува 36 146 денари и е повисока за 335 денари во споредба со јануари 2022 година, велат пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија.
Од нив, за исхрана и пијалаци одат 15 440 денари или 42,72 отсто, а за домување се неопходни 11 511 денари, односно 31,85 отсто.
За хигиена на едно четиричлено семејство во февруари годинава според синдикалната кошничка му биле потребни 2 453 денари или 6,79 отсто, за превоз 2 766 односно 7,65 отсто и за облека и обувки 2 156 денари, поточно 5,97 отсто.
За култура едно семејство требало да одвои 1 067 денари, односно 2,95 отсто, а за одржување на здравје 749 денари или 2,07 отсто од вкупната сума на минималната синдикална кошничка.
Според податоците што ги објави денеска Државниот завод за статистика, трошоците за животот во февруари во однос на јануари годинава се зголемиле за еден процент, а цените на мало за 1,2 процент. Во февруари годинава во однос на февруари лани, пак, трошоците за живот се повисоки за 7,6 проценти, а цените на мало за 8,6 проценти.
„Пораст на индексите на трошоците на животот во февруари годинава, во споредба со јануари, е забележан кај цигарите за 6,6 проценти, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 4,3 проценти, кафето, чајот, какаото за 2,7 проценти, виното за 1 процент, свежото и разладеното овошје за 0,8 проценти, жестоките пијалаци за 0,7 проценти, лебот и житата, рибата и морските плодови, маслото и маснотиите за 0,6 проценти, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,5 проценти, прехранбените производи, неспоменати на друго место за 0,2 проценти“,
стои во информацијата на ДЗС.
Според ДЗС, намалување на индексите на трошоците на животот во февруари 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај пивото за 1,1 процент, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 0,2 проценти.
Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај воздухопловниот патнички транспорт за 14,4 проценти, туристичките аранжмани за 2,5 проценти, услугите за сместување за 2,1 процент, обувките за 0,9 проценти, мебелот и покуќнината за 0,4 проценти.