Осум дена по стартот на инвазијата на Украина, руската војска напредува во некои делови од земјата, но засега не успева во обидите да ги заземе Киев и Харков
Од денеска, под руска контрола е стратешки важниот пристанишен град Херсон, на југот на Украина. На јужниот фронт, жестоки се нападите на Русија и на Мариупол, уште еден важен приморски град
Поминаа точно осум дена од почетокот на воената инвазија на Русија на соседна Украина. Москва е под силен притисок од Западот да ја запре војната, а во меѓувреме продолжува директната комуникација меѓу Русија и Украина, но на терен продолжуваат воените активности.
Денеска, најважниот развој на настаните е:
- руските сили ја презедоа контролата на јужниот пристанишен град Херсон;
- пристанишниот град Мариупол е опколен и постојат стравувања за хуманитарна катастрофа;
- продолжува гранатирањето и нападите на Харков, но украинските сили успеваат да го одбранат градот;
- продолжува бомбардирањето на главниот град Киев.
До каде стигна Русија?
Воените активности на терен ги следат голем број на светски медиуми но и организации кои се специјализирани за следење на конфликти. Институтот за проучување на војната, тинк-тенк организација, секој ден објавува мапи кои сликовито покажуваат кои делови од територијата на Украина се де-факто под руска контрола.
Последната објавена состојба, прикажана на сликата подолу, се однесува на 21:00 часот на 2 март по македонско време. Со црвена боја се териториите кои и вчера беа под руска контрола. Со црвено-бело ленти е означена територијата на која руските сили бележат напредок.

Битката за Киев
Според мапата, руските сили напредуваат на две позиции околу Киев. Претходните обиди на руските сили да влезат во Киев не беа успешни, па проценките се дека руската војска се обидува да го обиколи градот и да ја зајакне логистиката пред да направи нов посилен обид за освојување на градот.
Според мапите на Институт за проучување на војната и инфромациите кои британскиот јавен сервис Би-Би-Си ги добива од терен, рускиот конвој долг над 60 километри, кој е тргнат за Киев од границата со Белорусија, се соочува со проблеми и неговото напредување е речиси запрено веќе трет ден. Успорувањето на механизацијата се должи делумно на отпорот на укранските сили, делумно поради гужвата а и поради механички проблеми со дел од техниката. Во меѓувреме Киев е под постојано бомбардирање од воздух.

Додека нема големи судири во урбаното јадро на Киев, последните 24 часа има значително напредување на руските сили западно од Чернобил. Проценките на Институтот се дека главниот воен конвој е на околу 30 километри од центарот на Киев.
И источно од Киев има напредок на руските сили. На тој „фронт“, руските сили продолжуваат со обидите да го освојат градот Чернихив, но тој останува под украинска контрола.

Борби на истокот
Главна цел на руската инвазија на истокот на Украина и понатаму останува градот Харков. Бомбардирањето, цивилните жртви, обидите за освојување на градот со жива сила, засега не го скршија отпорот на украинците. Постојано има борби и во регионот на Луганск и Доњецк, двата главни града на истоимените сомопрогласени републики кои Москва ги призна непосредно пред инвазијата на Украина.

Најголем е напредокот на југот
Најголемиот воен успех на Русија и понатаму е на југот на Украина. И покрај различните извештаи, се поголем број аналитичари ја признаваат состојбата дека клучниот пристанишен град Херсон е под руска контрола. Тоа е првиот голем украински град кој „падна“ под руска контрола. Очекувањата на аналитичарите дека руските сили ќе продолжат со напад на југозапад, кон Миколаив а потоа веројатно и кон пристанишниот град Одеса, што практично би значело блокирање на пристапот на Украина на Црното Море.
На југоистокот, пак, руските сили се на чекор да воспостават „копнен мост“ меѓу Крим (Русија го анектираше полуостровот во 2014 година) и Доњецк и Луганск. Единственото нешто што им стои на патот е пристанишнот град Мариупол кој е опколен од сите страни. Локалните укрански власти и војска успеваат да одолеат на нападите, но градот е под постојани напади и му се заканува хуманитарна катастрофа.
