Министерството за одбрана на Русија ги повика цивилите да се евакуираат од градот преку таканаречениот „зелен коридор“, но градоначалникот вели дека тоа е невозможно бидејќи гранатирањето не престанува
Властите во Мариупол ја обвинија Русија дека намерно ја нападнала критичната цивилна инфраструктура на јужниот украински град за да изврши притисок врз населението.

„Повторно немаме струја, вода и греење“,
се вели во соопштението на Градскиот совет.
„Тие ги блокираат коридорите за снабдување со храна, нè ставаат во блокада, како во времето на Ленинград“,
велат локалните власти алудирајќи на продолжената опсада на рускиот град од германските сили за време на Втората светска војна.
Мариупол, стратешкото пристаниште на Азовското Море, сè уште е во рацете на Украина и покрај тоа што е опколен од руски и проруски сили, утринава е цел на континуирано гранатирање.
Министерството за одбрана на Русија ги повика цивилите да се евакуираат од градот преку таканаречениот „зелен коридор“.
Но, градоначалникот на градот вели дека тоа е невозможно.
„Не можеме ни да ги извадиме ранетите од улиците, од становите, бидејќи гранатирањето не престанува“,
изјави тој.
Локални власти велат дека Русите освен што го запираат снабдувањето со електрична енергија, вода и топлинска енергија, ги уништуваат и мостовите и железничките врски.

„Војниците од ордата на Путин постојано го гранатираат градот, спречувајќи нè да ги евакуираме повредените и жените и децата. Ова е геноцид врз украинскиот народ“,
се вели во соопштението.
Поради ваквата состојба, украинската вицепремиерка Олга Стефаншина, за Би-би-си Радио 4 изјави дека НАТО-алијансата е делумно одговорна за смртните случаи на цивили во земјата со тоа што одбива да воведе зона на забранети летови над Украина.
„Нехумано е да се знае дека цивилното население и децата ќе бидат убиени со тоа што нема да ја донесат оваа одлука. Крвта на тие цивили – вклучително и мајка и татко на две деца кои се родени само вчера и дури денес ги загубија своите родители во гранатирање – не е само на руски раце“,
рече таа и се извини што не била дипломат во изборот на зборовите, додавајќи дека зборува додека „седела во засолниште“.
Членките на НАТО одбија да воспостават зона на забранети летови бидејќи се загрижени дека тоа ќе го ескалира конфликтот со ставање на западните сили во директна борба со руските воздушни сили.