Изјавите и од Шведска и Финска со кои ги отфрлија предупредувањата на Русија ги коментираше и претседателот на САД, Џо Бајден, според кој, ваквите реакции покажуваат колку била погрешна проценката на Владимир Путин

Шведска и Финска ги отфрлија предупредувањата од соседна Русија за последиците доколку одлучат да се приклучат на кон НАТО.
Двете земји официјално се неврзани, иако се партнери на НАТО од средината на 1990-тите. И Шведска и Финска беа поканети и на состанокот на Алијансата во петокот.
„Сакам да бидам јасна. Шведска и само таа самостојно одлучува во која насока ќе оди во однос на сопствената безбедност“,
изјави шведската премиерка Магдалена Андерсон.
Финскиот шеф на дипломатијата, Пека Хависто, пак, во однос на руските предупредувања рече дека „ова го слушале и порано“.
„Не мислиме дека тоа беше воена закана“,
рече министерот во интервју за јавниот радиодифузен сервис на Финска.
Речиси истите зборови ги кажа и финскиот претседател Саули Нинисто, кој вчера рече дека на изјавата од Москва не гледа како на воена закана кон Финска туку дека таа се однесувала на тоа „какви контра чекори“ ќе преземе Русија ако неговата држава се приклучи на НАТО. Претседателот рече дека не гледа оти зборовите упатени од Москва се поинакви од тоа што го има кажано рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров и порано, како и самиот Владимир Путин кој со сличен тон зборувал на оваа тема за време на посетата на Финска во 2016 година.
Изјавите од двете држави ги коментираше и претседателот на САД, Џо Бајден, според кои, нивните реакции покажуваат колку била погрешна проценката на Владимир Путин.
„Не само што НАТО е пообединет, туку погледнете што се случува во врска со Финска, погледнете што се случува во врска со Шведска, погледнете што се случува во другите земји. Мислам дека Путин доби сосема спротивен ефект од тој што го посакуваше“,
изјави Бајден во интервју за емисијата на инфлуенсерот Брајан Тајлер Коен.
Изјавата од официјална Москва дојде во период кога во тек е руска инвазија на Украина, а односите со Западот се на најниско ниво од Студената војна. Во неа, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, предупреди дека пристапувањето на Финска или Шведска во Северноатлантската алијанса „ќе има тешки воени и политички последици“.
Инаку, и во Шведска и во Финска, десницата традиционално повеќе се залага за членство во НАТО, додека левицата се противи. Според анкетата објавена во петокот, поддршката за членството на Шведска пораснала најмногу во историјата и сега изнесува 41 отсто „за“.