На денешниот состанок кај омбудманот, претставниците на Фондот за пензиско и на „Балкан енерџи груп“ се обврзаа да работат на решавање на проблемот
Случајот со неквалитетното греење по енормно висока цена во државниот Дом за стари лица во Аеродром се најде во работната агенда на омбудсманот по пријава на група станари. Заменик-народниот правобранител, Јован Андоновски, беше во ненајавен надзор на Домот и на БЕГ, а на увидите присуствуваше и нашата екипа

„Балкан енерџи груп“ (БЕГ) следната недела ќе направи попис на бројот и состојбата на грејните тела за парно во сите соби и подрумот на државниот Дом за стари лица во Аеродром, како и проверка на целокупната инсталација – од цевки до вентили. Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), кој стопанисува со Домот, ќе треба да ја плати пресметката за трошоците и да преземе дополнителни мерки за објектот да стане енергетски ефикасен.
Од пресметаните трошоци ќе зависи дали и кога Домот ќе се обнови и со тоа ќе се реши проблемот на тамошните станари, кои поради лоши услови од 410 собни единици, само во 27 останале приклучени на парно.
Ваков договор „падна“ на денешниот состанок кај заменик-народниот правобранител, Јован Андоновски, свикан по претставка на група станари на Домот за високи сметки за парно и неквалитетно греење.
БЕГ нуди три опции
Од „Балкан енерџи груп“ повторија дека високите сметки се поради лоша инсталација и поради тоа што повеќето станари се исклучени од системот на парно греење, а оние 20 отсто што ја користат услугата, го делат трошокот на целокупната површина на домот, кој се протега на околу 3 700 квадратни метри.
„Нашите обврски се заклучно со мерачот во топлинската станица. Сите понатамошни ингеренции во однос на одржување на инсталацијата, приклучувања и сервисирања се на самите потрошувачи. Сега нудиме три опции. Првата е да се исклучи целиот дом и да се греат на струја, втората е сите да се приклучат и Домот да добива една фактура, па после интерно да се прави поделбата, а третата опција е да се приклучат сите и секој да добива соодветна фактура со едногласна одлука – дали сакаат по инсталирана моќност или по површина. И соодветно, некоја институција, ако може, да ви помогне во енергетската-ефикасност“,
кажа Горан Блажевски, претставник на БЕГ.

Според пресметката на БЕГ по актуелниот тарифен систем, во моментов се плаќа 94 денари по метар квадратен. Доколку сите се приклучат на парно, сметката би се преполовила, односно би се плаќало 47 денари за еден квадрат. Цената дополнително би се намалила ако лошата инсталација низ Домот се замени со нова, со што би се спречило губење на енергија.
„Тоа се страшно големи топлински загуби и ние сме свесни дека сметките не се воопшто ниски, меѓутоа фактите се тие. Ние го наплатуваме тоа што ќе се потроши на мерачот, ни помалку ни повеќе“,
посочи Блажевски.
ПИОМ ќе проверува дали може да финансира обнова
Претставникот на Фондот за ПИОМ и управителката на Домот посочија дека се работи за објект изграден пред повеќе децениии и дека низ времето се правеле парцијални реновирања. За целосно да стане енергетски ефикасен, потребни се пари за кои ПИОМ бара точна пресметка за да знае дали и колку може да си дозволи сега.
„Имавме проект за ПВЦ-столарија, лани правевме проект и за фасадата и за кровот. Кровот го сменивме, е сега остана фасадата зашто е поголема инвестиција. И не е само тоа, има губитоци и во цевките и во подрумот. Во моментов мислам дека нема да имаме финансиски средства, ама ќе видиме“,
кажа на состанокот Љубен Велјановски, претставник на Фондот за ПИОМ.

„Ништо нема да направиме доколку само сите станари се вртат на парно, топлината пак ќе се губи. Јас се согласувам и мора да направиме заеднички увид, да се види инсталацијата и во становите. Станарите се расположени да разговараат, сакаат парно, а и оние кои го користат сакаат квалитетно да се греат“,
додаде управителката на Домот, Васка Костадинова.

Мнозинството станари се исклучиле од системот за парно греење пред да стапи на сила обврската дека сите треба да користат парно, што од ПИОМ го регулирале со конкретен акт.
МТСП: Не сме надлежни да го субвенционираме Домот
По покана на омбудсманот, на денешниот состанок присуствуваа и две претставнички на Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Од МТСП кажаа дека немаат никакви ингеренции врз Домот.
„Пензионерските домови се во сопственост и на управување на ПИОМ. Во однос на тековното одржување на домовите се грижи Фондот и издвојува средства за тоа согласно барањата што им се на пензионерките домови. Тука Министерството нема апсолутно ништо, нема основа за субвенции од наша страна, бидејќи тогаш ќе има реакција од другите домови кои не се малку на број“,
кажаа претставничките на Министерството и укажа на Програмата за субвенционирање на трошоци на енергија на Министерството за економија за пензионерите со минимална пензија како ранлива категорија, што се поднесува со лично барање.

Заменик-народниот правобранител, Јован Андоновски, им посочи на претставниците на БЕГ и на ПИОМ дека за секоја активност, должни се да го информираат и омбудсманот. Тој апелираше што поскоро да се изнајде решение за проблемот, пред се од ПИОМ, од каде ќе треба да се покрие евентуалната инвестиција.
„Нека е и етапна реализација, да излезете во пресрет со подобрување на условите, од фасадата до санација на внатрешните елементи кои се битни за топлинската енергија. Почеток на година е, нема најава за ребаланс на буџетот, така што мислам дека колку порано се реагира, толку подобро“,
апелираше Андоновски.

Случајот со неквалитетното греење по висока цена во државниот дом во Аеродром се најде во фокусот на омбудсманот, по пријава на група станари за енормни трошоци за парно. Андоновски излезе во ненајавен надзор на Домот и на БЕГ на што сведочеше и наша екипа.