Илјадници луѓе се без струја, многумина се евакуирани поради поплавите додека силниот ветер ги корнел покривите од зградите
Северна Европа е погодена од трето големо невреме во последните пет дена, а како последица на тоа загинаа 14 лица.
Силен дожд и ветер денеска ја зафатија Северна Ирска и северниот дел на Англија, а потоа и Франција. Агенцијата за животна средина на Англија издаде повеќе од 300 предупредувања за поплави, а железничките компании ги повикаа граѓаните да не патуваат.
Во Франција, 70-годишна двојка загина во неделата кога невреме го однесе нивниот автомобил до Ла Манш во близина на градот Бриквил. Повикале помош, но таа не стигнала на време.
Најмалку 14 луѓе загинаа ширум Европа за време на бурната недела, која според метеоролозите била предизвикана од невообичаено силни воздушни струи над Северен Атлантик. Илјадници луѓе се без струја, многумина се евакуирани поради поплавите додека силниот ветер ги корнел покривите од зградите.
Ветрот во одредени моменти достигнувал брзина до 196 километри на час во неделата на островот Вајт, што е најголемата брзина на ветерот забележана досега во Англија. Иако денеска во Германија беа укинати официјалните метеоролошки предупредувања издадени пред претходното невреме, сообраќајот беше во прекин во одредени делови на нејзиниот север.
Според експертите, невремето предизвикало големи штети во веќе загрозените шуми.
Осигурителните компании ја процениле штетата од невремето во Германија на 1,6 милијарди евра, а во Холандија најмалку 500 милиони евра.