За време на вонредниот состанок на рускиот Национален Совет за безбедност, Лавров рече дека разговарал со Блинкен за безбедносните барања на Русија и дека следниот состанок е „закажан за 24 февруари во Женева“
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба го повика Советот за безбедност на Обединетите нации „веднаш“ да одржи седница за заканата што ја претставува Русија за Украина.
Кулеба на Твитер напиша дека најмоќното тело на ОН треба да се состане „за да разговараат за итни дејствија насочени кон деескалација, како и практични чекори за гарантирање на безбедноста на Украина“.
„Официјално побарав од земјите-членки на Советот за безбедност на Обединетите нации веднаш да одржат консултации според член 6 од М еморандумот од Будимпешта за безбедносни гаранции за да разговараат за итни дејства насочени кон деескалација, како и практични чекори за гарантирање на безбедноста на Украина“,
напиша тој на Твитер.
Во друга објава на Твитер тој потенцира дека не само Украина, туку целиот свет внимателно ги следи дејствијата на Русија во однос на признавањето на т.н. ЛНР/ДНР. ( т.н. Донечка Народна Република и т.н.Луганска Народна Република кои не се признаени од ниту една членка на ОН).
„Сите ги сфаќаат последиците. Има многу емоции, но токму сега сите треба мирно да се фокусираме на напорите за деескалација. Нема друг начин“,
апелира шефот на украинската дипломатија.
Рускиот претседател Владимир Путин соопшти дека одлуката за признавање на сепаратистичките региони во Украина ќе биде донесена денеска.
Евентуалното признавање на независноста на Луганск и Доњецк, според американските медиуми, би бил потег што ќе ги засили тензиите со Западот поради стравувањата дека Кремљ би можел веднаш да почне инвазија на Украина.
Водачите на сепаратистичките региони денеска објавија телевизиски изјави во кои апелираат Путин да ги признае како независни држави и да потпише договори за пријателство кои предвидуваат воена помош за да ги заштитат од, како што ја опишаа, тековната украинска воена офанзива. Долниот дом на рускиот парламент изнесе слично барање минатата недела.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска соопшти дека ќе се сретне со американскиот државен секретар Ентони Блинкен в четврток во Женева, во услови кога тензиите се зголемуваат поради стравувањата од руска инвазија на Украина.
За време на вонредниот состанок на рускиот Национален Совет за безбедност, Лавров рече дека разговарал со Блинкен за безбедносните барања на Русија и дека следниот состанок е „закажан за 24 февруари во Женева“.
Лавров рече дека неговиот американски колега му се јавил „неколку дена“ откако Русија одговорила на американските безбедносни предлози, велејќи дека е „подготвен да се сретне и да разговара за нив“.
Москва бара од Западот цврсто уверување дека на Украина никогаш нема да и биде дозволено да се приклучи на НАТО, како и Алијансата да ги повлече силите од Источна Европа. На седницата на Советот за безбедност Лавров го информираше рускиот претседател Владимир Путин за руските барања.