Францускиот претседател во изминатите неколку дена ја презеде улогата на посредник во обидот да се реши кризата во Украина
Српскиот претседател Александар Вучиќ и францускиот претседател Емануел Макрон попладнево ќе разговараат за кризата во Источна Европа и ситуацијата на Западен Балкан, соопшти Танјуг повикувајќи се на извори во Претседателството на Србија.
Во изминатите неколку дена Макрон ја презеде улогата на посредник во обидот да се реши кризата во Украина, телефонски разговарајќи со рускиот претседател Владимир Путин, а веднаш потоа и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Утринава од кабинетот на Емануел Макрон соопштија дека постои можност за непосредна средба меѓу Владимир Путин и Џозеф Бајден по повод настаните во Украина.
Вучиќ по денешната седница на Советот за национална безбедност на својот инстаграм-профил напиша: „Важни договори за 1. Зачувување на мирот и стабилноста во регионот; 2. Подобрување и зголемување на нивото на безбедност за нашата земја и граѓаните; 3. Анализи и конкретни дејствија при набавка на суровини и важни стоки кои поради светската криза би можеле да станат дефицитарни. Србија е на безбеден пат!“
За време на викендот тој изјави дека никој не бара Белград да се определува за кризата во Украина бидејќи „тие го знаат“ српскиот став, кој, како што вели, е принципиелен и заснован на почитување на меѓународното јавно право.