Бунтовниците кои се поддржани од Русија објавија дека почнала евакуација на населението од Источна Украина, а имаше информација за уште една експлозија во Доњецк. Бунтовниците ги обвинија украинските власти дека планираат напад, додека пак, украинската воена разузнавачка служба објави дека располага со информации оти руски специјалци поставиле експлозив Американскиот претседател, Џо Бајден, предмалку имаше и обраќање од Белата куќа од каде рече дека е уверен оти Путин одлучил да ја нападне Украина и тоа може да се случи уште наредните денови
Експлозија одекна на меѓународен нафтовод кој минува низ клучниот град под контрола на бунтовниците во источна Украина, јавија руските медиуми.
Експлозијата го потресе гасоводот „Дружба“ во градот Луганск.
Инцидентот се случи во момент на зајакнати тензии во регионот каде се зголемуваат стравувањата дека Русија можеби се подготвува да ја нападне Украина.
Гасоводот „Дружба“ минува од Русија до различни точки во источна и централна Европа.
Западните медиуми, повикувајќи се на руски државни канали, објавија и за втора експлозија во Луганск, која се случила за помалку од еден час по првата.
Претходно, бунтовниците кои се поддржани од Русија објавија дека почнала евакуација на населението од Источна Украина, а имаше информација за уште една експлозија во Доњецк.
Бунтовниците ги обвинија украинските власти дека планираат напад, додека Украина демантираше. Украинската воена разузнавачка служба објави дека располага со информации оти руски специјалци поставиле експлозив.
„Ваквите потези имаат за цел да ја дестабилизираат ситуацијата на привремено окупираните територии на нашата земја и да создадат основа за обвинување на Украина за терористички напади“,
објави украинската воена разузнавачка служба на својот официјален профил на Твитер.
Службата ги повика жителите на Доњецк да не ги напуштаат своите домови и да не користат јавен превоз.
Исто така, и САД обвинија дека евакуацијата е „циничен обид“ на Русија со кој таа сака да го оправда евентуалниот руски напад врз Украина.
„Објави како овие (за евакуацијата на цивили) се дополнителни обиди да се прикрие преку лаги и дезинформации дека Русија е агресор во овој конфликт“,
изјави портпаролот на Стејт департментот на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Американскиот претседател, Џо Бајден, предмалку имаше и обраќање од Белата куќа од каде рече дека е уверен оти рускиот претседател Владимир Путин одлучил да ја нападне Украина и дека тоа ќе се случи во текот на наредната недела или следните денови.
Photo: EPA-EFE/RUSSIAN DEFENCE MINISTRY PRESS SERVICE HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES