Во земјава е регистриран првиот случај на заразен со коронавирус.
Информацијата попладнево на прес-конференција ја потврдија премиерот Оливер Спасовски, министерот за здравство Венко Филипче и докторот Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.

Станува збор за пациентка која утрово околу 3 часот била хоспитализирана на Инфективната клиника во Скопје.
„Нема простор за паника“, порача министерот Филипче на самиот старт на прес-конференцијата.
Заразената пациентка еден месец престојувала во Италија, а две недели е болна. Првично се лекувала во италијанска болница, но таму не била тестирана за коронавирус. Непосредно по пристигнувањето во земјава, таа се упатила на Инфективната клиника.
„Тоа ни дава за право да мислиме дека инкубацијата е многу одамна помината и таа во моментот на транспорт со луѓето со кои се транспортирала не претставувала опасност“,
рече Филипче.
Но, според протоколот, ќе се идентификуваат патниците што патувале со неа, ќе бидат тестирани и ќе бидат ставени во 14-дневен карантин.
Жената патувала со комбе, а од граничниот премин „Табановце“ била земена со возило од членови на нејзиното семејство. За тоа до каде е идентификацијата на другите патници и околу состојбата со вирусот во земјава, Филипче најавени уште една прес-конференција околу 20 часот.
*Поврзана вест: Караџовски: Пациентката со коронавирус е свесна, ориентирана и дише самостојно
Тој уште еднаш апелираше до сите патници што доаѓаат од Италија да се придржуваат до мерките кои им се препорачуваат на граничните премини, а се содржани во летокот.
Ако, пак, немаат симптоми туку тие се појават подоцна, да се јават на дежурните телефони во центрите за јавно здравје и во Институтот за јавно здравје.
Бидејќи денеска и во Солун е регистриран првиот случај, Филипче рече дека и таму се преземаат истите мерки како и тука, односно се идентификуваат патниците со кои патувал заразениот. Во контакт се, рече Филипче, и со министрите за здравство во Србија, Албанија и Косово.
„Сакам да упатам апел и до сите компании чии вработени изминатиот период патувале во Италија, да не ги примаат на работните места туку да седат дома 14 дена. Тоа го препорачуваме до сите компании, со оглед на тоа што сега имаме новонастаната ситуација затоа што е дијагностициран првиот случај“,
рече Филипче.
Министерот уште еднаш порача дека заштитните маски создаваат само дополнителен ризик и нив треба да ги носи само заразено лице.
*Поврзана вест: (ВИДЕО) Попладневен лет од Тревизо – сите пуштени дома без симптоми на корона