Во владината делегација се и вицепремиерот Бојан Маричиќ и министрите Славјанка Петровска и Бујар Османи
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, ја предводи владината делегација на годинешната Минхенска конференција за безбедност, која започнува утре, 18 февруари и ќе трае до недела.
На 58. Минхенска безбедносна конференција, ќе учествува и претседателот Стево Пендаровски.
На конференцијата е најавено учество на повеќе од 30 шефови на држави и влади, како и на стотина министри и шефови на релевантни меѓународни организации, како што соопштија од претседателскиот кабинет.
Во владината делегација, пак, освен Ковачевски се и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кои во наредните три дена, како што велат од Владата, ќе учествуваат на повеќе централни и придружни настани во рамките на конференциската агенда, како и на повеќе заеднички и одделни билатерални средби.
На ова 58. Минхенска конференција за безбедност, која оваа година е посветена на „Меѓународната соработка во време на растечки кризи“, премиерот Ковачевски ќе оствари и средби со лидери од регионот и други високи претставници на одделни држави и меѓународни организации.
Ковачевски в сабота, како дел од официјалната програма на Минхенската безбедносна конференција во организација на Регионалниот совет за соработка (RCC), ќе има обраќање на дебатата за перспективите на ЕУ-Западен Балкан „Не изгледајте одвоено – исцртување патека за ЕУ и Западен Балкан“.
Министерката Петровска ќе има свое излагање на панелот „Вечер посветена на иновации”.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ќе учествува на посебен настан заедно со сите министри за надворешни работи од Западен Балкан, во организација на министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок. Османи ќе има свое излагање на настанот „Дупката во срцето на Европа? Назад кон Западниот Балкан” и ќе оствари повеќе средби со свои колеги од европските и воневропските држави.