Како што истакна Николовски, во тек се инспекциските контроли од Државниот инспекторат за земјоделство, кои треба да утврдат уште колку неоткупен ориз е останат, а за кој поддршка е веќе исплатена. Целта е, рече Николовски, да се елиминираат евентуалните манипулации за кои алармираа земјоделците
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска на прес-конференција соопшти оти владата и министерството се подготвени да ја продолжат поддршката од три денари за оризова арпа, откако претходно оризопроизводителите излегоа на протест изразувајќи го своето незадоволство, меѓу другото, и за ниските откупни цени на оризот и зголемените трошоци.
Како што истакна Николовски, во тек се инспекциските контроли од Државниот инспекторат за земјоделство, кои треба да утврдат уште колку неоткупен ориз е останат, а за кој поддршка е веќе исплатена. Целта е, рече Николовски, да се елиминираат евентуалните манипулации за кои алармираа земјоделците.
„Сакаме да се констатира фактичката состојба. Тоа ќе го знаеме следната недела кога Државниот инспекторат ќе ги заврши контролите на терен. Ќе знаеме точно за колкава количина неоткупен ориз разговараме. Нашите анализи покажуваат дека ќе има околу 15 000 тони кои остануваат. Владата и Министерството се подготвени да ја продолжат оваа мерка и еве, најавуваме дека ќе биде продолжена, но дополнително ќе одлучиме дали преку ковид-пакетот или преку Програмата за директни плаќања“,
напомена Николовски.
Тоа, според него, било и единственото барање на средбата со оризопроизводителите во Кочани.
Претходно, производителите на ориз од Кочанскиот Регион ја блокираа едната коловозна лента на магистралниот пат во селото Облешево, така изразувајќи незадоволство од ниските откупни цени на арпата и белиот ориз, како и од драстично зголемените трошоци за ѓубрива, заштитни препарати и други давачки. Земјоделците се пожалија дека сè уште не се исплатени субвенциите за минатата година, а поддршката со ковид-мерките ја добиле само 15 отсто од оние што успеале да ја продадат арпата.
„Бараме со финансиската поддршка од три денари за килограм арпа, обезбедена од ковид-мерките, да бидат опфатени сите оризопроизводители, наместо само некои, а рокот да биде продолжен до септември оваа година. Преостанатите субвенции да бидат исплатени до крајот на февруари и да се зголеми поддршката за ‘зелена нафта’. Исто така, бараме да се реорганизира акционерското друштво за водостопанство, односно да се врати како порано, на ниво на општина и водни заедници, кога самите земјоделци можеа да се организираат околу наводнувањето на површините. Ако не се сретнеме со министерот или со премиерот, ќе ги блокираме и двете коловозни ленти на магистралниот пат“,
истакнаа оризопроизводителите на блокадата на патот во селото Облешево.