МНР со втора замолница до Собранието бара да се закаже седница на Комисијата за надворешна политика на која Фрчкоски би се претставил како иден амбасадор во Њујорк. Милошоски без прецизен одговор како ќе постапи. Дали Пендаровски ќе потпише указ и без собраниска промоција на Фрчкоски?
Речиси една година е заглавено назначувањето амбасадор на Северна Македонија во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк. Кандидатот е утврден на затворена седница на Владата уште на 29 март лани. Предлогот го одобрил и претседателот на државата на 15 април минатата година, а одамна е јавно соопштено и неговото име.
„Се работи за професорот Љубомир Фрчкоски, он е предложен кандидат. Во соодветна процедура Министерството ги достави тезите на кандидатот и истите веднаш се доставени до претседателот на Комисијата за надворешни работи, но досега не е свикана седницата. Таа е во надлежност на претседателот на Комисијата за надворешни работи, кога ќе реши он да ја свика, тогаш би требало да биде“,
кажа спикерот Талат Џафери на 28 септември, лани.
Комисиска седница сè уште не е свикана, па Министерството за надворешни работи со втора замолница бара Собранието да го деблокира процесот.
„Министерството за надворешни работи на 3 февруари 2022 година до Собранието на Република Северна Македонија испрати допис со кој замолува за закажување седница на Комисијата за надворешна политика со цел презентација на тезите на кандидатот за амбасадор на Северна Македонија во Организацијата на обединетите нации (ООН) во најкус можен рок, потврдувајќи притоа дека се завршени сите подготовки за преземање на должноста согласно Законот за надворешни работи“,
потврдија од ресорното министерство за „360 степени“.
A, улогата на собраниската Комисија за надворешна политика се смета за несуштинска. По закон, кандидатот за шеф на мисија при меѓународна организација, како во случајот, го номинира МНР по претходна усогласеност со претседателот на државата. Предлогот ѝ се доставува на Владата, таа го одобрува и го информира шефот на државата дека е утврден кандидатот. По завршните разговори, кандидатот за амбасадор пред собраниската Комисија за надворешна политика само ги презентира своите согледувања за односите со меѓународната организација каде се упатува и тука завршува целата инволвираност на Собранието. Постапката за именување амбасадор се финализира со указ од претседателот. При назначување шеф на мисија при меѓународна организација не се бара агреман од земјата домаќин.
Назначувањето на Фрчкоски е заглавено кај претпоследниот чекор – изложување на тезите пред собраниската комисија, чиј претседател Антонио Милошоски јавно кажа дека ќе вложи максимални напори за Фрчкоски да не замине во Њујорк.
„360°: Милошоски, од каде ја црпите надлежноста, кој пропис ви дава за право да ја кочите процедурата за избор на амбасадор?
Па, мислам дека надлежноста на Собранието генерално е определена и во Уставот како најголема законска норма и во другите закони. Собранието има основна надлежност да ја контролира извршната власт. Контролата на извршната власт е кога постапува правилно да добие поддршка, а кога се гледа дека има некои погрешни постапки, Собранието да биде коректив. И сметам дека во овој случај се обидуваме да бидеме коректив на извршната власт.
360°: Законот за надворешни работи вели дека кандидатот за амбасадор ги презентира своите тези пред Комисијата, не е некоја суштинска надлежност на Комисијата.
Сметам дека не е проблемот во презентирање на тезите и нормите на Законот за надворешни работи, колку што е проблематичен случајот што кандидатот за амбасадор еднаш веќе е одбиен, и тоа го знаат добро владините министри и претседателот на државата, од официјален Вашингтон, како неподобна личност за амбасадор. Штом една држава ви одбива кандидат за амбасадор, дипломатско правило е таквиот дипломат или човек или политичар, да не го испраќате во друга форма на територијата на таа држава“,
тврди Милошоски.
Милошоски вели дека Комисијата во догледно време ќе има седници, но не дава прецизен одговор дали и кога на дневен ред ќе дојде Фрчкоски.
„Ќе размислиме и за таа варијанта, ќе видиме кои се други предлози, ќе почекаме да дојдат, гледаме дека има најава за амбасадор и во Софија…
360°: Конкретно за Фрчковски ве прашувам, кога планирате да свикате седница?
Ќе ги консултираме членовите на Комисијата и ќе го размислиме тоа прашање“,
вели тој.
Ова е втор обид Фрчкоски да стане амбасадор. Првата негова номинација за Вашингтон пропадна, а причината е класифицирана информација. Фрчкоски, неодамна во телевизиско интервју, блокирањето за Вашингтон го нарече ефемерна суета на поранешниот американски амбасадор во земјава, а потоа и помошник државен секретар на САД за Европа, Филип Рикер.
„Можда и се налутил, знаеш, јас во една колумна напишав, затоа што тогаш ние страдавме, знаеш, од Груевистичкиот режим, и стварно беше тешко, а он секој ден се имаше среќавано со Мијалков, ама секој ден. И сега јас сум му напишал веројатно, сум заборавил на таа колумна, дека е повеќе со Мијалков него со жена му дома. Но, тоа се суети човече, тој не заборавил“,
кажа Фрчкоски.
Америка има право и да не образложи зошто го одбила Фрчкоски вели Милошоски, но смета дека тоа би било товар при неговиот евентуален иден дипломатски ангажман.
„Меѓународните организации не бараат агремани и затоа сметам дека се прави ваквиот втор обид во друга форма да се испрати на територија, сепак на државата на САД, во ООН, но, ќе повторам, одбивањето од страна на официјален Вашингтон е сериозен хендикеп. Еве и да ги земеме и Обединетите Нации како организација. Имаат пет постојани членки во Советот за безбедност, една од нив е и Америка и сметам дека и во тој дел не е добро, амбасадорот на Македонија да биде хендикепиран во таа комуникација со една од постојаните членки на Советот на безбедност“,
смета Милошоски.
Со оглед на тоа што МНР вторпат го моли Собранието да го откочи процесот за Фрчкоски во најбрз можен рок, го прашавме спикерот Талат Џафери дали би направил одреден чекор, но одговор оттаму не добивме. Последната инстанца во синџирот за поставување амбасадор, шефот на државата, се надева на брза деблокада.
„Со оглед на фактот дека Постојаната мисија на Република Северна Македонија во Обединетите Нации во Њујорк повеќе години е без шеф на претставништвото, претседателот Пендаровски очекува Комисијата за надворешна политика да постапи час поскоро по втората замолница од Министерството за надворешни работи во врска со конкретниот кандидат, да ја закаже седницата и да му овозможи на кандидатот за амбасадор во Обединетите Нации да ја претстави својата платформа пред пратениците и пред јавноста.
Претседателот Пендаровски неколку пати има изјавено дека иако презентирањето на кандидатите за амбасадори пред работното тело на Собранието надлежно за надворешна политика не претставува дел од законски утврдените подготовки пред преземањето на должноста, станува збор за долгогодишна пракса која има за цел јавноста да се запознае со личноста и нејзините размислувања пред да биде упатена како шеф на некое од нашите дипломатско-конзуларни претставништва во странство“,
ни одговорија од Кабинетот на Претседателот.
Ако внимателно се чита одговорот од шефот на државата може да се види дека тој го нагласува својот став оти излагањето на амбасадорите пред собраниската комисија не е дел од законски утврдените подготовки и дека го сведува на добра пракса. Дали тоа значи дека Пендаровски, во еден момент, би потпишал указ за именување на Фрчкоски за шеф на мисијата при ООН и без тој да се претстави пред комисијата во парламентот?
„Имајќи го предвид фактот дека освен нашата мисија при Обединетите Нации, без соодветен шеф на дипломатско-конзуларно претстаништво веќе извесен временски период се и уште десетина други амбасади и мисии, претседателот Пендаровски ги отпочна консултациите со Владата за пополнување на испразнетите амбасадорски места и очекува тој процес да заврши во најкус можен рок. При тоа, претседателот очекува и останатите институции, без непотребно губење време и натамошни опструкции, да го завршат својот дел од законските обврски“,
се вели во одговорот од Кабинетот на шефот на државата.
Амбасадорското место во Њујорк е испразнето од почетокот на 2018 година, цели четири години, што е еден цел амбасадорски мандат.