Експлозија на високонапонска мрежа на МЕПСО е причината што Скопје потона во мрак, велат за „360 степени“ од ЕВН.
„Немаше електрична енергија поради експлозија на високонапонска мрежа на МЕПСО за што ние немаме целосна информација што се случило, но нашите екипи секогаш стојат на располагање и се на услуга на МЕПСО за да може да се приклучи Скопје под електрична енергија“,
изјави портпаролката на ЕВН Ленче Карпузовска за „360 степени“.
Карпузовска вели дека во меѓувреме дел по дел, населба по населба, снабдувањето со струја се нормализира, но најпогоден дел кој и се напојува токму од блиската високонапонска трафостаница на МЕПСО е Бунарџик кој, според неа, најверојатно цела ноќ ќе остане без струја.
Од МЕПСО, пак, за МИА информираат дека дефект на трафостаницата во населбата Пинтија, според првичните и неофицијални информации, е причината за мракот во Скопје. Велат дека повеќе информации ќе соопштат кога ќе ги добијат од екипите што се на терен.
Како што веќе објави „360 степени“, поголем дел од Скопје доцна попладнево остана без електрична енергија. Дека нема струја јавуваа граѓани на скопските населби Центар, Аеродром, Кисела Вода, Карпош и други. Граѓаните со кои комуницираме велат дека на моменти стуја доаѓа, но веднаш снемува.
Но, според последните информации, снабдувањето со струја е нормализирано во најголем дел од Центар, Карпош и Кисела Вода.