Бујар Османи ми е пријател од детството, а во ДУИ не сум членувал, рече министерот за здравство, Беким Сали, во емисијата „360 степени“ прашан за неговите односи со министрите од ДУИ, со оглед дека му беше шеф на кабинет на Бујар Османи во времето кога тој беше министер за здравство во една од владите предводени од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
„Ако може накратко да го кажам, би рекол дека имам колегијален однос со сите министри затоа што владата е заедничка. Има заеднички точки кои треба да ги развиеме заедно, без разлика на нашите различни политички ставови, без разлика дали сме надвор од владата пријатели или блиски или не сме ништо, политиките се заеднички… Штом влеговме во детали, Бујар Османи ми е пријател од детството“,
вели Сали.
Сали вели дека иако бил шеф на кабинет на Османи, во тоа време не бил член на ДУИ.
„Фактички јас не сум бил член на ниту една политичка партија пред основањето на тогашното Движење Беса и денешна Алтернатива“,
рече тој.