Од СДСМ деновиве, во повеќе наврати, ја обвинија ВМРО-ДПМНЕ за „лицемерство“, посочувајќи дека пратениците на оваа партија кочат закон во Собранието кој уште пред близу една година ќе значел покачување на платите на наставниот кадар во основните и во средните училишта
Наставници кои имаат коефициент 2.503, и земаат нето-плата од 24 782 денари, би требало да земаат нето-плата од 45.054 денари. Во средните училишта, професорите, наместо сегашните 25 838 денари нето-плата, би требало да земаат 45 594 денари, според амандман што го предлага ВМРО-ДПМНЕ на законот за минимална плата, кој е веќе во собраниска процедура.
„ВМРО-ДПМНЕ со амандман ќе бара усогласување на платите во јавниот сектор, т.е. нивно скалесто зголемување во однос на минималната. ВМРО-ДПМНЕ бара износот на коефициентите и вредноста на бодот на колективните договори на сите нивоа и во сите области да се усогласи со порастот на минималната плата, при што скалесто се зголемуваат платите, каде што основната вредност на најнискиот коефициент и бод се изедначува со износот на минималната плата“,
се наведува во денешното партиско соопштение, посочувајќи на амандманот кој се однесува на наставниот кадар во основните и во средните училишта.
Од СДСМ деновиве, во повеќе наврати, ја обвинија ВМРО-ДПМНЕ за „лицемерство“, посочувајќи дека пратениците на оваа партија кочат закон во Собранието кој уште пред близу една година ќе значел покачување на платите на наставниот кадар во основните и во средните училишта.
„Сега ќе поднесувале амандмани за минималната плата. Ако, нека поднесат, ама прво нека кажат дали биле против зголемување на минималната плата и дали блокирале закони за подобрување на статусот на работниците, како што беше тоа случај со наставниот кадар“,
изјави премиерот Димитар Ковачевски, откако ВМРО-ДПМНЕ најави поддршка, но и амандмани на законот за покачување на „минималецот“ на 18 илјади денари.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митровски, пак, изјави дека ВМРО-ДПМНЕ блокира 30-40 закони што се суштински.
„Сега најавуваат амандмани за скалесто покачување на платите по зголемување на минималната плата, а од април минатата година го блокираат законот со кој се предвидува коефициентот на плата на наставниот кадар (околу 4 700 наставници) да се коригира согласно порастот на минималната плата во државата. Да не го блокираа тој закон, наставниците уште пред десетина месеци ќе имаа повисоки плати“,
рече Митровски.