Груевски и Мицкоски, велат од СДСМ, ја промовираа земјава како рај за евтина работна сила, а денес ВМРО-ДПМНЕ лицемерно кажува дека ја поддржува минималната плата
Лицемерен е амандманот на ВМРО-ДПМНЕ за усогласување на платите во јавниот сектор, а истата таа партија 10 месеци ги блокира законските измени со кои 4 700 наставници во основното и средно образование ќе добијат трајно вработување и поголеми плати за сите наставници.
Ова е дел од одговорот на СДСМ до Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, откако партискиот лидер на прес-конференција објави дека пратеничката група на опозициската партија предложи амандман на Законот за минимална плата со кој ќе има скалесто зголемување на платите во јавниот сектор.
Од СДСМ велат дека барањето на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е задоцнето бидејќи Владата веќе најави и кажа дека ќе следи дијалог за усогласување на платите во јавниот сектор на седниците на Економско-социјалниот совет.
Од владејачката партија потсетуваат и дека откако се власт тие ја зголемиле минималната плата за двојно повеќе со оглед дека во време на ВМРО-ДПМНЕ била 8 800 денари.
„СДСМ го цени и го вреднува трудот на работниците, вистински се грижи за зголемување на стандардот на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ и негови високи функционери како Трајко Славевски и Данела Арсовска жестоко се противеа на секое зголемување на минималната плата. Додека ВМРО-ДПМНЕ како власт со години ја држеше минималната плата замрзната и ги дискриминираше работниците во одредени индустрии“,
велат од СДСМ.
Груевски и Мицкоски, додаваат од партијата, ја промовираа земјава како рај за евтина работна сила, а денес лицемерно кажуваат дека ја поддржуваат минималната плата.